Македонија

Зонското паркирање во Автокоманда е во завршна фаза

Гази Баба донесе одлука за соработка со Град Скопје

Воведувањето на зонско паркирање во Автокоманда е се поблиску до реализација. Советот на Општина Гази Баба на последната седница донесе одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка со Град Скопје, која се однесува на поставување сообраќајна сигнализација и уреди за смирување на сообраќајот.

„Со оваа одлука создаваме услови за реализација на следната важна фаза и се приближуваме до воведувањето зонско паркирање во населбата“, соопштија од Општина Гази Баба.

Активностите ќе ги изведува ЈП „Улици и патишта“, врз основа на веќе изработениот Основен сообраќаен проект за измена на режимот на сообраќај на постојната улична мрежа во Автокоманда.

Од општината нагласуваат дека јасната сообраќајна сигнализација и мерките за смирување на сообраќајот се клучни за зголемување на безбедноста на сите учесници, особено на пешаците, децата и повозрасните граѓани.

Подобрата организација на паркирањето, според локалната самоуправа, треба да овозможи порационално користење на паркинг-местата, попристапни улици и поуреден јавен простор.

Целта е преку координирани и плански активности да се одговори на секојдневните потреби на жителите, да се воведе поголем ред во паркирањето и да се обезбеди побезбедно одвивање на сообраќајот.

Најнови вести од: Македонија

To top