За 238 илјади основци и средношколци денеска завршува летниот распуст за учениците и од утре започнува новата учебна година. За прв пат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња. Вкупната бројка на празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини е 148, а негативниот тренд налага и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата. Новата учебна 2026-2027 година започнува утре и наставата за сите ученици ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кои завршуваат на 17 мај.
Во образовниот систем моментално има околу 238.000 ученици, од кои 174.000 се во основно, а 64.000 во средно образование. Според податоците со кои располага Министерството за образование и наука, досега се запишани 14.952 првачиња и 16.932 ученици во прва година во средното образование. Конечните бројки ќе бидат познати по завршувањето на дополнителните уписи.

- „Трета година по ред учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Истите се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да бидам министерка“, рече министерката за образование и наука, Јаневска.
Поради намалениот број ученици, Министерството спроведува оптимизација на паралелките во училиштата, што подразбира спојување на помали паралелки со цел учениците да имаат подобри услови за социјализација и учење.
- „Не е тајна дека со години опстојуваат две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме, со што во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава, од кои 222 во основното и 211 во средното образование“, изјави Јаневска.
Таа оцени дека станува збор за позитивна промена која е во интерес на учениците и нагласи дека ниту еден редовно вработен наставник не останал без работа поради оптимизацијата.
Вообичаено, нови испечатени комплети учебници има за децата во прво, втор и во трето одделение, со оглед дека тоа се учебници во кои има и работни листови. Нови книги има и за учениците во осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде ќе се учи по нови наставни програми.