Хроника

Македонски парадокс: На една ливада хероите се бореле со огнот на друга пиромани краделе дрва

Срам за Штип и Македонија: Заменик-директорот на „Македонски шуми“ обвинува за кражби на дрва додека се гаси пожарот кај Селце

Додека стотици граѓани и вработени од повеќе градови се бореле завчера со пламенот кај селото Селце на експресниот пат Штип–Радовиш, од другата страна на асфалтот се случувала кражба на дрва, тврди Кире Михаилов, заменик генерален директор на Јавното претпријатие „Македонски шуми“.

Во објава на социјалните мрежи, Михаилов остро ги осуди оние што крадат дрва во близина на пожарот, нарекувајќи ги „срам за Штип и Македонија“. Според него, екипата што гасела пожар ги фатила крадците, а претходно биле приведени и двајца потенцијални подметнувачи на пожарот. Тој додава дека, доколку пироманите не биле фатени, ќе бил убеден дека токму дрвокрадците го подметнале огнот за да го одвлечат вниманието.

Михаилов ги пофали колегите Игор Јованов, Николче Петковски, Тони и Баже од ПШС „Серта“ Штип, кои од рано утро учествувале во гасењето, голтале чад цел ден и помогнале во фаќањето на потенцијален пироман, како и во акцијата на шумската полиција и МВР за одземање возило со крадени дрва. Истата екипа, според него, претходно учествувала и во акција на Плачковица кај Радовиш, а денеска повторно е на терен.

Во исто време, заменик-директорот укажува на парадокс: додека едни гасат пожари и ризикуваат здравје, други колеги наводно го напуштаат работното место порано или се поврзани со кражби и тендери.

Тој предупредува дека „ниедна тајна не е вечно трајна“, дека граѓаните пријавуваат и дека ќе следат постапки против оние што помагаат криминал или не реагираат. Михаилов повикува вработените навреме да известуваат до дирекцијата, шумската полиција и МВР.

Тој потенцира дека како заменик-директор лично учествува во гасењето на пожари на високи температури и во борба против дрвокрадци, наместо да остане во канцеларија. Споменува и дека на барање од директорот на ЦУК Стојанче Ангелов „Македонски шуми“ испратиле близу 40 луѓе (наместо бараните 10–15) да помогнат на Пелистер, вклучувајќи екипи од Берово.

Михаилов најавува дека ќе се потруди да се наградат оние што максимално се вложуваат, а да се санкционираат „бандитите и неработниците“. На крајот им изразува посебна поддршка на колегите од Штип што работат на терен во тешки услови.

Објавата доаѓа во услови на активни пожари во регионот, кога институциите и граѓаните заеднички се обидуваат да ги заштитат шумите и населените места.

Михаилов е познат како македонскиот Елиот Нес поради бескомпромисната битка со шумската мафија.

Најнови вести од: Хроника

Двајца српски државјани лишени од слобода на Табановце поради брзина од над 160 км/ч – ќе одговараат за безобѕирно управување

Системот „Безбеден град“ ги евидентирал додека возеле со повеќе од двојно над дозволената брзина на делницата од Демир Капија до Гевгелија

To top