Американскиот претседател Доналд Трамп оценува дека постои проблем од лична природа меѓу Украина и Русија, кој, според него, го отежнува изнаоѓањето мирно решение за војната меѓу двете земји.
„Постои проблем од лична природа меѓу Русија и Украина. Ги имате претседателот Зеленски и претседателот Путин. Тие навистина се мразат еден со друг. Дали знаете што е омраза? Меѓу нив постои сериозна омраза и таа стои на патот“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Неговите специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер доаѓаат во Москва и во Киев со предлог за прекин на војната.
„Тие носат со себе предлог за завршување на војната“, откри претседателот на САД, додавајќи дека „двајцата се одлични преговарачи“.
„Ги испративме да видат дали има доволно простор да се заврши нешто. Можеби има добри шанси да го направиме тоа“, рече тој.
Според него, Русија и Украина заедно изгубиле 32.000 војници само во август.
„Тие губат просечно по 25.000 војници месечно. Тоа мора да се реши“, рече Трамп.
Во исто време, американскиот претседател изрази верување дека Путин нема намера да нападне територија на НАТО.
„Не мислам дека Путин ќе го стори тоа. Разговарам со него. Го познавам многу добро. Путин нема намера да напаѓа територија на НАТО“, рече Трамп.