Хроника

Повторно одложено судењето за полициските службеници за „Пулс“, сведоците не се појавија

Судот најави казни и присилно доведување

Неприсуството на сведоците го одложи денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје во предметот против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата безбедност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Од судот соопштија дека дел од поканите до сведоците биле вратени како неуредно доставени или со ознака „не барал“, додека за дел од останатите нема потврда дека биле примени. Обвинителката Спасенка Андонова посочи дека еден од сведоците телефонски потврдил дека ја добил поканата, но кажал дека ќе дојде само доколку му се обезбеди превоз до Скопје.

За наредното рочиште судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска најави дека поканите ќе се доставуваат преку полициска станица. Доколку сведоците повторно не се појават, судот ќе примени законски мерки, меѓу кои парични казни и присилно доведување. Следното рочиште е закажано за 21 септември.

Одложувањето предизвика реакција кај Драги Стојанов, татко на Панче Стојанов, кој изрази незадоволство и побара судот да ги искористи сите можности за да обезбеди присуство на сведоците. Тој побара тие навремено и уредно да бидат повикани, да се утврдат причините поради кои не се појавиле, а доколку е потребно, да им биде обезбедена и полициска придружба.

Стојанов ги повика сведоците да дојдат и да ја кажат вистината без страв и без подлегнување на евентуални закани или притисоци. Тој рече дека семејствата се соочуваат и со притисоци од бранителите, кои, како што наведе, се закануваат со кривични пријави поради јавно искажани ставови.

Наместо закани, порача Стојанов, потребни се човечност и разбирање за трагедијата и последиците со кои се соочуваат семејствата.

Тој најави дека в среда ќе се одржи марш по повод една и пол година од трагичниот настан и повика граѓаните да дадат поддршка, со порака дека ваквите трагедии не смеат да се повторат и младите треба безбедно да се враќаат од забавите.

Судењето произлегува од пожарот што на 16 март избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Според обвинението, полициските службеници кои биле дежурни биле ангажирани и во објектот, но не ја прекинале забавата и не спречиле употреба на пиротехника.

Најнови вести од: Хроника

Ф.И. (33) од Банско, Струмичко, со комбе со украдени дрва прегазил и тешко повредил полски полицаец од „Фронтекс“!

Триесет и тригодишен жител на струмичко Банско е приведен откако со товарно возило удрил полициски службеник од Фронтекс од Полска, а потоа и трактор.

За криминалната афера „Возачки дозволи“ МВР поднесе кривични пријави за 27 лица

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривични пријави против 27 лица, меѓу кои и една вработена во Министерството за внатрешни работи, поради постоење основи на сомнение за повеќе кривични дела поврзани со незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.

To top