Македонија

Ревизорите прашуваат: Како „ЕСМ“ фрли во ветер милиони на тендери без пазарна трка и контрола?!

Државниот завод за ревизија утврди низа неправилности во јавните набавки на АД ЕСМ за 2024, период во кој компанијата презела обврски од 8,8 милијарди денари. Извештајот открива дека дури во 93 отсто од ревидираните постапки учествувал само еден понудувач или само една понуда била оценета како прифатлива. Наместо слободна пазарна конкуренција, енергетскиот гигант фаворизирал постапки со преговарање во четири очи и селективни критериуми.

Планирањето, спроведувањето на постапките за доделување договори за јавни набавки и реализацијата на склучените договори во АД ЕСМ – Скопје не се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, планови и договори, се вели во соопштението на Државниот завод за ревизија по завршената ревизија на ЕСМ. Како што објави МКД.мк, со ревизијата се опфатени 27 постапки за јавни набавки (од кои 2 се спроведени во 2022 година, 19 во 2023 година и 6 во 2024 година), со преземени обврски во 2024 година во вкупен износ од 143.569.000 евра.

Планирањето, спроведувањето на постапките за доделување на договорите за јавни набавки, како и реализацијата на склучените договори не се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, планови и договори, се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизорите утврдија слабости во планирањето на јавните набавки. „Годишниот план за јавни набавки бил изготвен врз основа на податоци од претходно склучени договори, без соодветно истражување на пазарот и користење на дадената законска можност за спроведување на технички дијалог, неосновано определување на проценетата вредност и недостаток на аналитички пристап при утврдување на потребите на друштвото. Иако е донесено упатство за начинот на спроведување на набавките, истото не содржи прецизни насоки за утврдување на потребите, количините и проценетата вредност. Како последица на тоа, во текот на 2024 година биле донесени 19 одлуки за измени на Годишниот план за јавни набавки, што неповолно влијае на ефикасноста на постапките, планирањето на финансиските средства и роковите, транспарентноста и предвидливоста на истите“.

Во постапката со преговарање без објавување оглас за набавка на гасен мотор, не беше можно да се потврди оправданоста на повикувањето на крајна итност. Иако за набавката бил исплатен значителен дел од договорната вредност 153.283 илјади денари (2.484.300 евра), моторот не бил ставен во функција и подолго време бил складиран без обезбедени предуслови за користење, што упатува на преземање договорни обврски без обезбедени услови за негово инсталирање и оперативно користење.

Со ревизијата се утврдени набавки на стоки и услуги кои не се користени или не се целосно реализирани. Кај набавката на адитив, вредни 2.294.900 евра, најголемиот дел останал неискористен и му истекол рокот на употреба. Исто така, платени се 1.721.200 евра за активности за дислокација на опрема што не е ставена во употреба.

Ваквите состојби претставуваат финансиски загуби на друштвото, нерационално користење на јавни средства и негативно влијае на извршувањето на дејноста.

Во 2022 година спроведена е постапка за јавна набавка на осигурителни услуги поделена на 10 дела, по што во 2023 година склучени се договори за 6 дела, со вкупна вредност од 5,8 милиони евра и рок на реализација од две години. Со анекси кон договорите за 3 дела, нивната вкупна вредност е зголемена за 68.204 илјади денари, иако Стручната комисија за истите дала мислење дека понудените цени не се пазарни, а проценетата вредност со измена и дополнување на Одлуката за јавна набавка била зголемена. Дополнително, пред истекот на договорите за овие три дела, нивното времетраење е продолжено.

Во осигурителните полиси е наведен агент/брокер и друштво за застапување, иако посредувањето не било предвидено во тендерската документација, како и не е обезбедена документација со која би се потврдиле обемот и придобивките од ваквото посредување. Во повеќе постапки утврдени се слабости во техничките спецификации и во условите за докажување способност . Техничките спецификации во одделни случаи се поставени на начин што може да упатува на конкретен дизајн, бренд или овластен производител, додека условите за докажување на финансиска способност и техничка и професионална способност, не секогаш се сразмерни со предметот на набавката. Кај дел од постапките не е спроведена целосна и детална проверка на доказите за исполнување на условите , а кај испорачаните стоки и услуги во одредени случаи недостасува соодветна техничка, атестна и друга веродостојна документација.

Постојат и случаи на прифаќање на суштински измени на технички карактеристики по извршена испорака, што го доведува во прашање еднаквиот третман на економските оператори и регуларноста на постапките. Со ревизијата, исто така, утврдени се слабости при реализацијата на договорите. Во одделни случаи договорите се менувале со анекси без доволно уверливо образложение, а за одредени услуги не е обезбедена документација со која би се потврдила оправданоста и обемот на извршените активности. Дополнително, ревизорите утврдиле дека во 2024 година постои надминување на законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка, кое изнесува 81.644 евра, што укажува на потреба од правилно толкување на одредбите од ЗЈН и воспоставување контрола при набавки под вредносниот праг.

Во извештајот од спроведената ревизија дадени се препораки, чија имплементацијата треба да придонесе кон поголема транспарентност, конкуренција, подобар квалитет на набавките, како и економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства во АД ЕСМ Скопје.

Најнови вести од: Македонија

Генијалецот Македон Димитровски со само 12 години е примен на Програмата за талентирани млади на „Џонс Хопкинс“ во САД!

Голем успех постигна Македон, кој е примен во престижната Програма на американскиот универзитет, наменета за ученици со исклучителни академски способности од целиот свет.

Стојановски: ДКСК да ја изработи анализата за законот за Скопје „Европска престолнина на културата“ и да ја достави до предлагачите

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ денеска од собраниска говорница рече дека тој и уште 24 други пратеници 45 дена од Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси чекаат антикорупциска анализа на закон за спроведување на проектот Скопје Европска престолнина на културата.

Музика, улични изведби, базар и детски работилници на „Звуците на културата во Ѓорче 2026“

Во рамките на „Денови на Општина Ѓорче Петров 2026“, продолжува манифестацијата „Звуците на културата во Ѓорче 2026“, која носи програма наменета за посетители од различни генерации

Владата подготвува закон да можат граѓаните самите да докупат до две години работен стаж за пензија

Граѓаните, на кои им недостигаат најмногу две години работен стаж, наскоро би можеле да добијат можност сами да си ги уплатат придонесите за да остварат право на старосна пензија, за да го исполнат законскиот минимум од 15 години. Оваа можност ја најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

To top