Македонија

„Ајде да знакуваме заедно!“: Инклузивен марш и програма во Скопје по повод Денот на знаковните јазици

Инклузивен марш и централна програма со интерактивни, едукативни и креативни активности ќе се одржат в недела во Скопје, по повод Меѓународниот ден на знаковните јазици

Настанот „Ајде да знакуваме заедно!“ го организира Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија, со поддршка на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Маршот ќе започне во 10 часот од Мостот „Гоце Делчев“, а учесниците ќе се движат по кејот на Вардар, покрај Градскиот стадион, до Градскиот парк „Школка“.

Централната програма ќе започне во 11 часот кај „Школка“ и ќе трае до 13 часот. Предвидени се поздравни обраќања, музички настапи на глуви ученици, доделување плакети и благодарници, како и интерактивен дел во кој посетителите ќе имаат можност директно да се запознаат со знаковниот јазик преку комуникација со лица од глувата заедница.

На настанот се очекува да учествуваат глуви и наглуви лица, деца, млади, родители, наставници, претставници на институции и граѓани. Предвидени се и обраќања од претставници на Националниот сојуз, Град Скопје, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Од Националниот сојуз посочуваат дека настанот е замислен како отворена и инклузивна манифестација чија цел е подигнување на свеста за значењето на македонскиот знаковен јазик и потребата од создавање општество без комуникациски бариери.

„Градиме заедница без комуникациски бариери. Особено ни е важно во настанот да бидат вклучени и образовните институции, бидејќи инклузивното образование и пристапната комуникација се основа за еднакви можности на глувите и наглувите ученици“, наведуваат од Националниот сојуз.

Меѓународниот ден на знаковните јазици се одбележува на 23 септември, со цел да се нагласи значењето на знаковните јазици за човековите права, јазичната разновидност и инклузивното општество.

Слоганот на настанот е „Патот продолжува – ајде да знакуваме заедно!“, а пораката гласи: „Мој јазик. Мое право. Мој идентитет.“

Најнови вести од: Македонија

Обвинителството – обвинителката на потег

Од Обвинителството велат дека за еден дел од наводите веќе е поднесено обвинение, а за другите наводи се проверува дали постои сомнеж за сторено кривично дело. Од наодите во последниот извештај на Државниот завод за ревизија може да се заклучи дека во периодот од 2022 до септември 2024 се работело главно на уништување на компанијата.

To top