Бизнис

Косовска фирма доби зелено светло да го преземе „Тинекс“

Во документот конкретно се наведува дека трансакцијата го опфаќа бизнисот кој се води, меѓу другото, под називите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“

Комисијата за заштита на конкуренцијата даде зелено светло за концентрацијата со која косовската компанија „Проекс Интернационал“ има намера да стекне контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје.

Од решението се открива и структурата на планираната трансакција. На 2 јули годинава било склучено писмо за намери меѓу „Тинекс-МТ“ како продавач и „Проекс Интернационал“ како купувач, со кое страните се согласиле за главните комерцијални услови за преземање на малопродажниот бизнис со супермаркети на „Тинекс“ во Македонија.

Во документот конкретно се наведува дека трансакцијата го опфаќа бизнисот кој се води, меѓу другото, под називите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.

По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули 2026 година „Тинекс-МТ“ го регистрирал новото друштво „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје, кое, според решението, е наменето да служи како средство за стекнување и понатамошно работење на бизнисот. Малопродажниот бизнис или неговите релевантни делови треба да му бидат ставени на располагање на новото друштво согласно договорените услови и конечната документација за трансакцијата.

„Проекс Интернационал“ е компанија од Приштина чија главна дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутунски производи. Таа е дел од „Проекс груп“, диверзифицирана косовска деловна групација активна во трговијата, дистрибуцијата, малопродажбата, логистиката и енергетскиот сектор. Групацијата се занимава и со увоз и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, управување со синџири супермаркети, како и трговија, складирање и дистрибуција на нафтени деривати.

Интересен е и податокот дека „Проекс Интернационал“ и групацијата на која ѝ припаѓа досега немале поврзани субјекти регистрирани во Македонија, ниту оствариле приход на македонскиот пазар во 2025 година.

Известувањето за концентрацијата било доставено до Комисијата на 10 август, а дополнето еден ден подоцна. Комисијата потоа ја испитала трансакцијата и утврдила дека се исполнети законските услови за нејзино одобрување.

Со решението практично е отстранета пречката од аспект на заштитата на конкуренцијата за планираното преземање на малопродажниот бизнис на „Тинекс“ од страна на косовската „Проекс Интернационал“.

Најнови вести од: Бизнис

Европската бизнис-асоцијација ги поврза студентите со бизнис-приказните – Глобална недела на претприемништвото

Студенти од економските факултети при УКИМ, УГД и ЈИЕУ имаа можност да разговараат со претставници на компании од различни сектори за препознавањето на потребите на пазарот, започнувањето сопствен бизнис и вештините потребни за негов развој.

(Фото): Николоски во Виена повика на регионална соработка и поврзување

Зборувајќи на панел дискусијата “Заедничка визија за долгорочна економска соработка” вицепремиерот Николоски потенцира дека е потребен заеднички пристап на земјите од регионот за претставување на глобалниот пазар.

„Со свои раце, создадено со љубов“: 17. издание на Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ ги обедини луѓето и винската традиција

Фестивалот е и многу повеќе од прослава на младото вино, тој е прослава на луѓето, заедништвото, љубовта и вербата во иднината. Токму тие вредности се во сржта на филозофијата на „Тиквеш“, компанија која ја надградува својата богата традиција со знаење, иновации и современи пристапи, останувајќи посветена на создавањето вина и искуства што ги поврзуваат луѓето.

Најнови вести

To top