Македонија

Денеска се слави Раѓање на Пресвета Богородица

Раѓањето на Пресвета Богородица е првиот празник во Новиот завет – Рождество на Таа Која го даде на светот Христос Спасителот

Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица — еден од 12 големи празници во православието кој го слави раѓањето на Богородица.

Црквата го востановила овој празник поради посебното значење што го има пресвета Богородица, Таа што подоцна ќе го роди Бога се роди од благочестивите родители Јоаким и Ана. Јоаким потекнуваше од еврејскиот царски род, а Ана од свештеничкиот.

Долго време тие немаа деца, цели 50 години, но имаа цврста вера во Бога и срдечно се молеа да им биде дадено дете. Голема им беше радоста кога се роди Марија, но голема беше и нивната чесност пред Бога, па тие, не заборавајќи дека Бог на посебен начин им го дал детето, ја дадоа Марија да се воспитува во Ерусалимскиот храм до времето кога му стана свршеница на праведниот Јосиф, т.е. кога Бог одреди да ја прими благата вест од ангелот дека ќе го роди Спасителот на светот

Раѓањето на Пресвета Богородица е првиот празник во Новиот завет – Рождество на Таа Која го даде на светот Христос Спасителот. Ова е границата помеѓу Стариот и Новиот завет. Денес е празникот кој по достоинство може да се нарече почеток на нашето спасение.

Црковното Предание говори, дека Јоаким и Ана биле благочестиви еврејски сопружници кои го очекувале ветениот Месија. Тие биле стари, но без деца и затоа многу години топло се молеле на Бога, бидејќи меѓу евреите бесплодноста се сметала како знак на Господова немилост. И ете, како одговор на нивните молитви и како награда за непоколебливата верност кон Бога, тие биле благословени со раѓањето на ќерка, која била предназначена да стане Мајка на Христос – Месијата.

Таа што била духовно достојна да стане Христова Мајка морала да биде родена од оние што и самите биле духовно достојни да станат нејзини родители.

Празникот Рождество Богородично го прославува раѓањето на Марија, неа Самата како Божја Мајка, но и Нејзините благочестиви родители. Истовремено, овој празник е почеток на приготвувањето на светот за спасението, затоа што Садот на Светлината, Книгата на Животот и Словото, Источната Врата, Престолот на Премудроста, сето тоа самиот Бог го подготви на земјава со раѓањето на девојчето Марија.

Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.

Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Така е и во народните умотворби, како во поетските така и во прозните, така и во народните верувања и во народните обичаи. Затоа поголем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови.

Така, македонскиот народ, со повеќе свечености, секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.

Сиуноќа, стотици православни верници  со молитва и иконата на Пресвета Богородица – Троеручица поминаа низ центарот на Скопје, одбележувајќи го претстојниот празник Рождество на Пресвета Богородица, во народот познат како Мала Богородица.

Претходно, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ беше одржана празнична вечерна богослужба, по која верниците излегоа на улиците во молитвена поворка.

Најнови вести од: Македонија

To top