Спорт

Елези: Фокусот е само на дуелот со Швајцарија

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува во Скопје за стартот на новата сезона во Лигата на нации и воведниот дуел од Б дивизијата против Швајцарија претстојниот викенд на домашен терен

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува во Скопје за стартот на новата сезона во Лигата на нации и воведниот дуел од Б дивизијата против Швајцарија претстојниот викенд на домашен терен.

На репрезентативниот собир дополнително се приклучија Столе Димитриевски, Езџан Алиоски, Елмин Растодер и Христијан Малески, а Дарко Чурлинов, поради административни проблеми поврзани со неговиот престој во Полска, нема да биде во можност да настапи на претстојните натпревари.

Во пресрет на првиот натпревар, Агон Елези, кој во одлична форма настапува во дресот на Сараево, истакна дека фокусот на репрезентацијата во овој момент е целосно насочен кон Швајцарија.

„Најпрво, огромно е задоволството и привилегијата повторно да се биде дел од оваа репрезентација, од оваа фантастична група. Вистина е дека не очекуваат четири многу тешки натпревари, но моментално за нас постои само еден, тој во сабота против Швајцарија. Сите ги знаеме нивните квалитети и ние мораме да се фокусираме само на себе, да не правиме грешки, затоа што секоја наша грешка може многу да не чини“, изјави Елези.

Натпреварот Македонија – Швајцарија се игра на 26 септември со почеток во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

„Швајцарија покажа на Мундијалот дека е во сериозна форма и дека има сериозни квалитети во секој поединец. Но, ние треба да се фокусираме на себе и да имаме доверба дека можеме да направиме позитивен резултат. Така и ќе влеземе во натпреварот. Најбитно на претходните натпревари беше да се запознаеме со новиот стручен штаб, со новите играчи и со новите идеи. Сметам дека ни донесоа многу и дека научивме многу.Најважно беше да направиме добра атмосфера меѓу нас, меѓу играчите, а тоа и се покажа. Сите сме во добра атмосфера, имаме добра кохезија и сега само тоа треба да го пренесеме на теренот, почнувајќи од сабота.“, додаде Елези.

Најнови вести од: Спорт

To top