Во судницата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот „Државна лотарија“ се изведуваат над 200 списи како материјални докази. Меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот генерален директор на Државната лотарија Перпарим Бајрами.
Обвинителството преку обемната документација настојува да ги поткрепи наводите за начинот на донесување одлуки за самостојно приредување електронски игри на среќа и за набавката на видеолотариски терминали.
Досега при изведувањето на материјалните докази не беше презентиран разговор, СМС, електронска преписка или запис за средба меѓу Груби и Бајрами што директно би укажувал на координација. Обвинителството својата теза ја гради врз низа дејствија и одлуки што обвинетите, според обвинението, ги преземале од функциите што ги извршувале. На Груби му се става на товар и улогата на владината седница од 6 јуни 2023 година.
При презентацијата на доказите поврзани со таа седница, со која претседавал Груби, поранешниот вицепремиер побара збор. Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски му укажа дека ставот ќе може да го изнесе подоцна во постапката.
Меѓу документите се наоѓаат материјали за основањето на заедничкото друштво со странски партнер, договорите со „Касинос Австрија“, владини акти и финансиска документација за набавката на терминалите.
Презентирано беше и известување од странскиот содружник до Владата од 2022 година во кое се отвора прашањето за правото на приредување електронски игри. Според Обвинителството, тоа право уште во 2013 година било дадено како непаричен влог, па Државната лотарија потоа не можела самостојно да располага со него. Ова е една од централните точки на кои се судираат тезите на двете страни.
Пред судот беа читани и Програмата за работа на Државната лотарија за 2023, проценката за исплатливоста на вложувањето во ВЛТ-терминали и информацијата доставена до Генералниот секретаријат за самостојно приредување игри.
Голем дел од доказите се однесуваат на 158. владина седница – дневниот ред, стенографските белешки, записниците, заклучоците, одлуките и мислењето на Министерството за финансии.
Обвинителството приложи и банкарска документација: девизни налози, изводи, аналитички картички и документи за фактурирање, испорака и плаќање на опремата. Целта е да се утврдат количините, цените и начинот на плаќање.
Одбраната има спротивен став. Адвокатот Јордан Апостолски, бранител на Бојан Јанев, оцени дека изведените докази не го потврдуваат обвинението, туку покажуваат дека членовите на Надзорниот одбор постапувале со согласност и по насоки од Владата. Тој тврди и дека Државната лотарија имала законска можност самостојно да приредува игри на среќа.
Покрај Бајрами и Груби, обвинети се Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди. Тие се товарат дека во 2023 и 2024 година преземале меѓусебно поврзани дејствија со кои ги пречекориле овластувањата. Сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Процесот го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.