Македонија мора да гради сопствена дигитална инфраструктура и капацитети за вештачка интелигенција, со цел податоците и технологијата да останат под домашна контрола, порача новоизбраниот дописен член на МАНУ, професор д-р Димитар Трајанов.
На пристапното предавање посветено на националните капацитети за вештачка интелигенција, Трајанов како два клучни приоритети ги посочи изградбата на национални дата-центри и создавањето поголем македонски дигитален корпус.
„Ни требаат национални дата-центри за чување на податоците тука. Бенефитот од тоа податоците да бидат под наш суверенитет е драстично поголем“, порача Трајанов.
Според него, Македонија не смее да остане само корисник на туѓи технологии, туку треба да развива сопствени модели и инфраструктура.
„Треба да пробаме да ги градиме тие модели кај нас за да имаме наш суверенитет врз целиот процес. Имаме извонреден потенцијал. ИКТ секторот е во извонредна форма и тоа е нашата шанса“, истакна Трајанов.
Тој предупреди дека без сопствена инфраструктура и податоци постои ризик земјата да стане зависна од странски системи. Како особено важна ја издвојува заштитата и развојот на македонскиот јазик во дигиталниот простор.
Трајанов посочи дека македонскиот јазичен корпус на интернет е значително помал од англискиот, што директно влијае врз тоа колку добро системите на вештачка интелигенција го разбираат македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик е само 0,02 проценти од англискиот. Мораме да го работиме тоа, не постои друг начин“, рече тој.
Проектот „Везилка“, на кој Трајанов е раководител, треба да биде дел од напорите за градење национални капацитети во оваа област.
Пораката од предавањето е дека Македонија треба навреме да инвестира во дата-центри, податоци, сопствени ВИ модели и домашен ИКТ кадар, бидејќи вештачката интелигенција сè повеќе ќе влијае врз економијата, образованието, здравството и јавниот сектор.