Хроника

Запалил македонско знаме – МВР го пронајде (ВИДЕО)

Полициски службеници детектирале видео со содржина за која постојат основи на сомнение дека е сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“

Секторот за внатрешни работи Тетово – Одделението за компјутерски криминал, во координација со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, го расчисти случајот со видеообјава на социјалната мрежа „ТикТок“, на која се гледа палење на македонското знаме.

На 22 септември 2026 година, при мониторинг на социјалните мрежи, полициски службеници детектирале видео со содржина за која постојат основи на сомнение дека е сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидено и казниво согласно член 319 став 1 од Кривичниот законик.

По преземените оперативни мерки и активности, на 23 септември бил утврден идентитетот на авторот на профилот.

Станува збор за малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово.

Во полициските простории, во присуство на родител и претставници на Центарот за социјална работа Тетово, бил извршен службен разговор со малолетникот, при што тој го признал делото. Со согласност на родителот, за потребите на постапката и фотодокументирање на доказите, бил обезбеден мобилниот телефон од кој било објавено видеото.

За време на разговорот, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои учествувале во настанот. Тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица со цел целосно расчистување на случајот.

По целосното документирање на предметот, до надлежното Основно јавно обвинителство Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

Најнови вести од: Хроника

To top