Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, е избран за потпретседател на СДСМ на денешната седница на Централниот одбор на опозициската партија.
„Не мора секогаш да мислиме исто, не мора секогаш да се согласуваме, но мора да знаеме што нè спојува. Тоа се нашите принципи, одбраната на социјалдемократијата и борбата за достоинствен живот на граѓаните“, порача Герасимовски по изборот.
„Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности. И само сплотени можеме повторно да ја вратиме довербата на граѓаните“, додаде тој. „Нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за стоење настрана и чекање некој друг да ја заврши работата. Секој е важен. Секој е потребен. Силата на СДСМ никогаш не била во еден човек. Силата на СДСМ била во луѓето“.
Новоизбраниот заменик на Венко Филипче го заврши обраќањето со повик до сопартијците: „Да се сплотиме, да се исправиме и да покажеме дека СДСМ има сила повторно да оди напред“.
Покрај Герасимовски, потпретседатели на СДСМ се и Јована Тренчевска, и Александар Трајановски.