Откако германските медиуми објавија разузнавачки информации дека Русија се подготвува да лансира сателит вооружен со нуклеарно оружје во следните 60 дена, Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата ќе се брани од какви било закани во вселената, пренесе Би-Би-Си.
Руте беше јасен дека безбедноста на Алијансата не завршува на Земјата.
„Секогаш ќе се погрижиме да го браниме секој сантиметар од територијата на НАТО, а тоа вклучува и обезбедување на нашата безбедност кога станува збор за вселенскиот елемент“, рече Руте, додавајќи дека НАТО има низа опции за одговор и постојано ги проценува и ажурира своите капацитети за одвраќање и одбрана.
Повикувајќи се на анонимни германски воени и разузнавачки извори, јавните радиодифузери НДР и ВДР и весникот „Зидојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung) наведуваат дека рускиот сателит се нарекува „Спутник-С“ и дека е опремен со нуклеарна боева глава.
Според наводите, сателитот би можел да се користи за блокирање или уништување на други сателити, вклучувајќи ги и клучните комуникациски и системи за надзор.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој стоеше зад Руте, ниту ја потврди ниту ја негираше оваа разузнавачка информација, но рече дека таа „открива ниво на ескалација што Русија е јасно подготвена да го продолжи“.
„Извештаите дека Русија планира да лансира нуклеарно оружје во вселената не се нови, но не се помалку шокантни“, рече Мерц.
Портпаролот на германската влада претходно изјави за АФП дека Берлин ги сфаќа овие информации многу сериозно, но во исто време повика да не се создава „прекумерна нервоза за хипотетички опасности“.
Шефот на Европската вселенска агенција (ЕСА) Јозеф Ашбахер беше многу поостар, кој за Ханделсблат изјави дека поседувањето нуклеарно оружје во вселената би претставувало „крајно сценарио на кошмар“.
Од друга страна, Кремљ ги отфрла ваквите тврдења. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, рече дека не ги видел најновите извештаи, но ги оцени написите што се повикуваат на непознати извори како „тешки за сериозно сфаќање“.
Русија е потписник на Договорот за вселената од 1967 година, кој изрично забранува поставување оружје за масовно уништување во орбитата.