Скопје се поврзува со Дубаи. Од март следната година со авиокомпанијата „Флајдубаи“ туристите диектно ќе патуваат до Емиратите. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека договорот е веќе постигнат, а новата линија треба да донесе повеќе туристи, но и да ја олесни деловната соработка со Обединетите Арапски Емирати. Истовремено се преговара и за директен лет од Охрид до Абу Даби или Шарџа. Според експертите ова е значаен чекор за развој на туризмот, што ќе донесе повеќе туристи, но и поголема заработка за хотелите, рестораните, туристичките агенции и локалниот бизнис.
Со безвизното патување меѓу Македонија и ОАЕ, очекувањата се дека авиолиниите дополнително ќе го зголемат интересот за земјава.
Македонија во изминативе две години значително ја прошири авио мрежата. Воведени се повеќе од 28 нови авиолинии од скопскиот и охридскиот аеродром, со што граѓаните добија директни врски до повеќе европски дестинации.Меѓу новите линии се летовите до Палермо, Алгеро и Вроцлав. Македонија се поврза и со Париз, Барселона, Лион, Штутгарт, Луксембург, Салцбург, Прага, Келн, Амстердам и Виена, како и повеќе туристички и чартер дестинации.
Дека туризмот е во пораст покажуваат и бројките. Последните податоци за јули годинава говорат дека земјава ја посетиле над 223 илјади туристи, кои оствариле речиси 795 илјади ноќевања.Повеќе од половина од туристите биле странци – 57 проценти. Најмногу гости дошле од Турција, Србија, Германија и Романија.
Растот се гледа и во првите седум месеци од годинава. Бројот на туристи е зголемен за 1,5 проценти, а странските туристи се зголемиле за 1,3 проценти.