Односите меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати влегуваат во нова фаза, во која политичкото приближување сè повеќе треба да биде проследено и со конкретна економска соработка, нови инвестиции и поголема трговска размена. Токму за можностите што се отвораат меѓу двете земји, Радио Лидер разговараше со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во Македонија, Абдула Али Атик Обаид Алсубуси.
Алсубуси е искусен емиратски дипломат и актуелен амбасадор на ОАЕ во Италија, со нерезидентна акредитација и за Македонија, Малта и Сан Марино. Во својата дипломатска кариера претходно бил амбасадор на ОАЕ во Австралија, како и нерезидентен амбасадор во Вануату, Самоа и Соломонските Острови. Бил генерален конзул на ОАЕ во Лос Анџелес, директор на Одделот за американски и пацифички прашања во Министерството за надворешни работи на ОАЕ, а во два мандати работел и во амбасадата на Емиратите во Вашингтон. Дипломирал политички науки и меѓународни односи на Универзитетот во Минесота.
Во краткото интервју за Радио Лидер, амбасадорот Алсубуси говори за новата ера на „посебно партнерство“ меѓу Македонија и ОАЕ, преговорите за Сеопфатниот договор за економско партнерство (CEPA), како и за интересот на емиратскиот капитал за инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, земјоделството и туризмот. Тој зборува и за можноста за директно авионско поврзување, но и за културната соработка меѓу двете земји, која доби дополнителен импулс со претставувањето на Македонија како почесен гостин на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби.
Интересно е што веднаш по интервјуто за Радио Лидер, амбасадорот Алсубуси оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на која лично ѝ ја врачи поканата за учество на Конференцијата на Обединетите нации за водите во Абу Даби, а разговараа и за нови инвестиции, меѓу кои и на можноста за обновување на директната авиолинија Скопје–Дубаи со цел интензивирање на трговијата, туризмот и инвестициите. Во игра е и можноста за отворање резидентна амбасада на ОАЕ во Скопје.
За време на престојот во Скопје, амбасадорот Алсубуси се сретна и со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, а средбата донесе и конкретен резултат – договорена е директна авиолинија Дубаи–Скопје, која Flydubai треба да ја воспостави од март 2027 година. Двајцата разговарале и за инвестиции, инфраструктура и туризам, како и за можноста за директно авионско поврзување на Охрид со ОАЕ.
Амбасадорот во интервјуто му се заблагодарува на Абдулкадар Мемеди, амбасадор на Република Македонија во ОАЕ, за неговите напори во олеснувањето на промоцијата на балканската култура – одржана во соработка со Република Македонија – и нејзиното презентирање на начин што одговара на нејзините посебни цивилизациски аспекти, а посебно и за неговото ангажирање за целокупниот придонес за зајакнување и продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји.
Целото интервју на Љупчо Златев на овој ЛИНК