Швајцарските граѓани денес гласаат на референдум за тоа дали долгогодишната политика на неутралност на земјата треба да се применува построго, пренесува DPA.
Иницијативата е покрената од здружението „Pro Schweiz“ (За Швајцарија), кое има блиски врски со десничарската популистичка Швајцарска народна партија.
Неутралноста е вградена во швајцарскиот Устав уште од 1848 година, но иницијативата има за цел да воспостави построго толкување на овој принцип.
Доколку се усвои, Швајцарија во иднина не само што би се воздржувала од учество во вооружени конфликти и би ја затворила својата територија за завојуваните страни, туку и би престанала да воведува санкции кон држави што започнале војна – како што е Русија. Исклучок би се направил за санкциите на ОН.
Предлогот би го спречил Берн да воведува економски санкции или да соработува со НАТО.
Трговските односи би продолжиле како и досега, вклучително и со земјите што започнале војна. Поддржувачите на иницијативата тврдат дека построгата неутралност би ја направила Швајцарија побезбедна и би ја зајакнала довербата во земјата како неутрален посредник.
Сепак, противниците сметаат дека во современиот свет една нација не може да се крие зад неутралноста ниту да ги третира агресорите и жртвите на војната на еднаква основа.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека иницијативата веројатно ќе биде отфрлена. Избирачките места се затвораат во 12:00 часот по локално време, а резултатот се очекува да биде познат околу еден час подоцна.
Повеќе од 90% од швајцарските гласачи вообичаено гласаат однапред, по пошта.