
Натаму Шамбевски во својата реакција на општествената мрежа истакнува: Коските на разни цареви, кралеви, војводи и светци низ вековите патувале, биле преместувани, биле отворани гробници, па враќани, дури и подарувани, крадени и изложувани по музеи. Египетски мумии и безброј египетски артефакти завршиле низ музеите на Европа. Но никому не му паднало на ум дека со преминувањето на Медитеранот им се сменило потеклото. Зашто историјата не функционира така.
Моштите на Цар Самоил со децении беа во Грција, па тој не стана Грк. Сега Грција ќе ги предала на Бугарија. ОК… И што очекуваат? Изгледа, некој очекува дека коските ќе завршат работа што историјата упорно одбива да ја заврши, вели Оливер Шамбевски.
Тој Посочува дека има само еден проблем.
-Со коските не може да се пренесе Охрид. Не може да се пренесе Преспа. Не може да се пренесе Самоиловата тврдина. Не може да се пресели Струмица, неговата одбранбена база во походот од 1014 година. А секако не може да се помести ни Беласица — онаа иста Беласица преку која византиската војска го направила решавачкиот маневар во битката кај Клуч. Беласица, патем, денес тврдоглаво стои распослана меѓу три современи држави. Како природата намерно да решила да им се потсмева на нашите балкански обиди со денешни граници да го премеруваме средниот век. И токму затоа целата работа повеќе предизвикува иронија и резигнираност отколку бес и лутина, посочува Шамбевски.
Тој Посочува дека ако идејата е дека со свечено пренесување на нечии коски може да се нанесе некаков удар врз македонската историска меморија, тогаш навистина ѝ припишуваме премногу моќ на една погребна поворка.
-Нека има церемонии. Нека има гарди. Нека има знамиња, говори, венци и мермерни плочи. Но ништо тоа нема да смени. Ковчегот може да добие нова, адреса ама Самоиловата тврдина не. Охрид не. Преспа не. И можеби токму во тоа е целата иронија. Со векови се обидуваат да ги приспособат старите владетели кон новите граници, или кон нивните шовинистички политики, порачува Оливер Шамбевски.