Македонија

Даниловски: Одложувањето на БСЖ- вакцината е мерка на претпазливост

Донесен е заклучок времено да се одложи БСЖ-имунизацијата до добивање целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со појавата на несаканите реакции кои се појавија во Хрватска, вели епидемиологот

Епидемиологот д-р Драган Даниловски, вели дека привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата во Македонија треба да се разбере како мерка на претпазливост додека трае проверката на безбедносниот сигнал пријавен во Хрватска, а не како доказ дека вакцината е небезбедна.

Тој во објава на социјалните мрежи објаснува дека одлуката на Комисијата за имунизација следува по информациите од Хрватска, каде биле пријавени четири сомнителни случаи на BCG-остеитис/остеомиелитис кај деца вакцинирани во текот на 2024 и почетокот на 2025 година.

„Она што го вклучи алармот кај хрватските здравствени власти не е самата дијагноза, туку концентрацијата на случаите во релативно краток временски период. Во претходните десетина години во Хрватска немало ниту еден ваков случај, а појавата на четири сомневања во рок од една година оправдано се смета за неочекувано висока зачестеност“, наведува Даниловски.

Според него, во медицината ваквата појава се нарекува „безбедносен сигнал“, но тоа не значи автоматски дека е утврдена причинско-последична врска.

„Сигналот е едноставно знак кој вели: тука е потребно внимание, детална анализа и проверка. Неговото појавување само по себе сè уште не ја утврдува причината за проблемот“, објаснува епидемиологот.

Тој посочува дека сомневањата во Хрватска се поврзани со две серии на вакцината, а како мерка на претпазливост таму е привремено запрена примената на сите серии од истиот производител додека трае контролата.

Даниловски информира дека Македонија ја користи БСЖ-вакцината од истиот производител како Хрватска, поради што Комисијата за имунизација побарала дополнителни информации од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

„Донесен е заклучок времено да се одложи БСЖ-имунизацијата до добивање целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со појавата на несаканите реакции“, наведува тој.

Според него, досега во Македонија нема пријавен безбедносен сигнал сличен на оној што се испитува во Хрватска.

„Во последните десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција по БСЖ-вакцинација, во август 2022 година. Станувало збор за апсцес на местото на апликација, реакција која е позната и опишана во упатството за вакцината“, пишува Даниловски.

Епидемиологот нагласува дека привременото одложување не значи преиспитување на улогата на БСЖ-вакцината, која и понатаму има значајна улога во заштитата на децата од тешки форми на туберкулоза.

„БСЖ-вакцината има долга историја на примена низ целиот свет. Нејзината улога е незаменлива во заштитата на најмалите од најтешките и најопасните форми на туберкулоза, како што се милијарната туберкулоза и туберкулозниот менингитис“, посочува Даниловски.

Тој додава дека одлуките за вакцинација секогаш се носат со проценка на користа и ризикот.

„Актуелната процедура не ја оспорува самата вакцина, туку е насочена кон еден конкретен безбедносен сигнал со цел да се открие неговата точна причина“, вели епидемиологот.

Апел до родителите: нема место за паника

Даниловски посочува дека родителите чии деца веќе ја примиле БСЖ-вакцината и се чувствуваат добро немаат причина за дополнителни превентивни испитувања.

„Децата кои веќе ја примиле вакцината и кои се чувствуваат добро, без никакви симптоми, немаат никаква потреба од превентивни снимања, лабораториски анализи или други дијагностички испитувања“, наведува тој.

Најнови вести од: Македонија

На инспектори им исекле гуми на возило за да не се дознае кој нелегално користи социјални пензии

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека се откриени повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност кои ги земале парите без да ги исполнуваат условите, а меѓу нив имало починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници.

To top