Спорт

Еурофарм Пелистер на дофат на плејофот во Европската лига

Македонскиот вицепрвак му го нанесе првиот пораз на полски Вибжеже во групата, декласирајќи го со 34:27 во Битола

Ракометарите на Еурофарм Пелистер му го нанесоа првиот пораз на Вибжеже во групната фаза од Европската лига, декласирајќи го полскиот претставник со 34:27 во Битола и доближувајќи се на дофат на елиминациите во второто клупско натпреварување на ЕХФ по ранг.

Македонскиот вицешампион се искачи на второто место во групата Г со 5 бода и во последното коло на 1 декември ќе гостува во Шпанија кај Ла Риоха, која има 3 и вечерва е гостин на Гумерсбах со 4, а со 6 води Вибжеже пред реваншот со Германците на свој терен.

Победа во Логроњо сигурно ги води пелистерци во плејофот поради подобриот биланс во меѓусебните дуели со Вибжеже благодарејќи и на ремито 31:31 во првиот меч во Гдањск.

Тимот на Лино Червар ги диктираше играта и резултатот во текот на целиот натпревар со третопласираната екипа во Полска минатата сезона и уште на полувреме го најави триумфот со водството од 20:14, а разликата во два наврата во финишот достигна максимални девет гола.

Најзаслужни за тоа беа голманот Саид Хајдарирад со неговите 13 успешни интервенции за 41 минута на теренот и капитенот Филип Кузмановски со 8 погодоци од 15 удари.

Најнови вести од: Спорт

To top