Според заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, станува збор за бирократски проблем што е штетен како за земјите надвор, така и за оние во Шенген-зоната.
Како Министерство и како Влада правиме сѐ за да склучиме билатерални договори со земјите членки на Шенген-зоната, а нема едно целосно решение. Мислам дека се работи за обична бирократска процедура и бирократизиран систем на носење одлуки, којшто е пребавен и на којшто му е тешко да се смени, вели Николоски.
Според него, станува збор за бирократски проблем што е штетен како за земјите надвор, така и во Шенген-зоната.
– Странските директни инвестиции во Македонија се директно погодени, а најголем дел од нив, преку 87%, се од Европската Унија и самите не можат да најдат алтернативни начини на превози. Што значи, да ова било некој голем план, каде што целта би била да се уништат балканските превозници и бизнисот да го земат некои други превозници, ќе го видевме. Нема таква работа и затоа сум убеден дека се работи за бирократска машинерија, на која што ѝ е тешко да носи нови одлуки, посочи Николоски во поткастот „Каде се парите“.
Како конкретни чекори, тој посочува дека е склучен билатерален договор со Хрватска, Швајцарија веќе го потврдила договорот, а со Романија е постигнато решение според кое ќе се издаваат дозволи наместо визи.
– Склучивме билатерален договор со Хрватска, после тоа потврди Швајцарија, во финална фаза сме со одредени други држави. Со Романија потпишавме да се даваат дозволи, а не визи. Сега со Бугарија и Грција разговараме со овие превозници кои во истиот ден прават влез-излез, да не се регистрираат, така да со различни држави постигнуваме различни договори, вели Николоски.
Процесот, вели тој, продолжува и со други земји, а целта е да се олесни движењето и работењето на македонските професионални возачи низ европските транспортни коридори.