Македонија

Македонец за American Foreign Policy Council: Западен Балкан мора да се извлече од изолација

Има решение за Македонија и Западен Балкан но дали има воља да се реши проблемот

Влијателната американска тинк – тенк организација American Foreign Policy Council во најновото издание на нивното списание Statecraft & Strategy објавува анализа на екс македонски министер за одбрана и екс амбасадор во САД.

Во колумната професорот Зоран Јолевски кој беше шеф на кабинетот на претседателот на Македонија Борис Трајковски, анализира повеќе теми поврзани со проширувањето на ЕУ.

Целосна интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, на сите земји од Западен Балкан, како чекор кон остварувањето на крајната цел – полноправно членство, нуди практичен пат напред, анализира Јолевски за Statecraft & Strategy.

Во колумната која е напишана предходно има низа коинциденции и сличности со изјавата што завчера ја даде комесарката Кос но и со ставовите што пред десетина дена во Салцбург ги искажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во анализата Јолевски тврди дека интегрирањето на Западен Балкан во Европската Унија не е само прашање на регионот, туку и стратешка неопходност за стабилноста и безбедноста на Европа.

Меѓу клучните поенти на кои екс министерот и амбасадор става нагласок е и ставот дека ЕУ мора да се прилагоди преку институционална трансформација во процесот на одлучување, преку флексибилни коалиции на подготвените земји.

Постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, како крајна цел кон полноправно членство, нуди практичен пат напред за Западен Балкан, анализира Јолевски за Statecraft & Strategy.

,,Инвестирањето во коридорите и инфраструктура е од витално значење и за трговијата и за одбраната.
Импакт-инвестиции и поголемото вклучување на приватниот сектор би биле сигнал за траен европски интерес и би ги зајакнале регионалните економии”, пишува Јолевски според кого цврстото вклучување на Западен Балкан во европското семејство би му покажало на светот дека ЕУ има капацитет да го обедини континентот, да се справи со сложените предизвици и да го искористи стратешкиот момент.

Целата колумна
Извлекување на Западен Балкан од изолација
Зоран Јолевски

Грчкиот филозоф Хераклит своевремено ја изрече познатата мисла дека „промената е единствената константа“. Оваа максима важи со векови. Сепак, денешните геополитички промени се издвојуваат по својата брзина, длабочина и опсег. Неодамнешните поместувања во структурата на светскиот поредок длабоко влијаеја врз меѓународната економија, придонесоа за глобална несигурност и допреа до речиси секој сегмент од поединечните општества. И тоа го сторија на начин што е подлабок од кога било во поновата историја.

Европа очигледно се соочува со тешкотии во обидот да се прилагоди на оваа нова реалност. Во Брисел и во другите европски престолнини сега се водат интензивни дискусии за „стратешката автономија“, за идните закани по западниот поредок и за најдобрите начини за зачувување на стабилноста во непосредното соседство на Европа. За успешно да се справи со сите овие дебати, Европа ќе треба истовремено да положи два важни теста.

Првиот тест, институционалната трансформација, бара од Европа да го промени начинот на кој функционира. Во моментов, европската политика пречесто е дефинирана преку потрагата по консензус, што го отежнува преземањето одлучни чекори. Тој пристап сè повеќе е во раскорчекор со актуелните геополитички реалности. Земјите-членки едноставно не можат да останат врзани за процедури што ја спречуваат Европа брзо и одлучно да одговори на новите предизвици.

Наместо тоа, ЕУ треба повеќе да ги користи „коалициите на подготвените“, во кои групи земји со слични ставови унапредуваат проекти и цели што директно ги засегаат. Европа го правела тоа и претходно; иницијативите како Шенген и еврозоната покажуваат дека групи земји можат да напредуваат со заеднички приоритети без притоа да го поткопуваат поширокиот европски проект. Всушност, таквите аранжмани можат да ја зајакнат ЕУ преку поголема флексибилност и овозможување побрз одговор на променливите глобални услови.

Вториот тест се однесува на способноста на ЕУ да интегрира нови членки. Последните два големи брана на проширување на ЕУ се случија во сосема поинаква меѓународна ера, во која демократијата, човековите права и слободните пазари беа доминантни приоритети. Тогаш целта беше јасна: вкотвување на новите демократии од Централна и Источна Европа во западниот либерален поредок.

За разлика од тоа, денешното проширување се одвива во мултиполарен свет кој сè уште е во фаза на обликување. Во оваа ситуација, интегрирањето на Западен Балкан во Европа претставува стратешка неопходност. Алтернативата – вакуум на моќ во делови од Европа – би имала дестабилизирачко влијание како врз периферијата на континентот, така и врз самата Европска унија. Тоа, исто така, би создало поголеми можности за надворешните сили да го прошират своето политичко, економско и стратешко влијание во региони кои по природа треба да бидат дел од пошироката европска заедница.

Интеграцијата како реалност
Таквиот процес треба да започне од економијата. Целосната интеграција на сите земји од Западен Балкан во ЕУ треба да остане крајна цел, при што „постепената интеграција“ – односно придобивките во блиска иднина пред самото полноправно членство – би служела како суштински чекор кон таа цел. Вклучувањето на земјите од мојот регион, Западен Балкан, во Европскиот единствен пазар преку стратегија за постепена интеграција претставува најпрактичен начин за нивно приближување кон ЕУ. Целта треба да биде да се обезбеди јасен пат кон учество во Единствениот пазар за сите земји, а не само за некои од нив, под услов тие да ги спроведат структурните реформи неопходни за прифаќање на европското законодавство (acquis) – односно збирот на закони и прописи што ги регулираат трговијата, енергетиката, транспортот и другите политики.

За да се овозможи ова, европските институции, а особено Европската комисија, треба јасно да дефинираат како ќе се одвива постепената интеграција и да воспостават транспарентни начини за мерење на напредокот. Тоа би испратило силна порака до Западен Балкан дека регионот има иднина во рамките на Европа. Исто така, тоа би им дало на регионалните влади практична причина да спроведат реформи кои честопати се тешки и политички непопуларни.

Слично на тоа, поблиското интегрирање на земјите од Западен Балкан во институциите на ЕУ би испратило силен сигнал до нивните граѓани – дека идејата за проширување на Европа е жива и актуелна, и дека членството е реална цел. Подеднакво важни се и структурираните консултации со засегнатите страни од Балканот во врска со економските политики на ЕУ; тоа подобро би ги подготвило владите, бизнисите и потрошувачите за подлабока интеграција, истовремено давајќи им поголема вклученост во реформите неопходни за нејзино остварување. Се разбира, креаторите на политики во Брисел ќе треба да ги земат предвид економските ограничувања на регионот и да се погрижат трошоците за интеграција да не ги исклучат партнерите во развој од значајно учество.

Транспортот е една од областите каде што побрзиот напредок е од особено значење. На својот самит во Вашингтон во 2024 година, НАТО ја истакна важноста на таквите коридори …во рамките на планирањето за цврста одбрана од можна идна руска агресија. Поради својата географска положба, Западен Балкан има значајна улога во оваа дискусија, бидејќи регионот се наоѓа на клучни патни правци што ги поврзуваат Централна Европа, Медитеранот и Југоисточна Европа. Тоа ја прави неговата инфраструктура важна не само за трговијата, туку и за европската безбедност. Затоа, сосема е природно ЕУ да ги вклучи земјите од Западен Балкан во поголема мера во своите планови за инфраструктурни проекти и транспортни коридори.

Подеднакво важни се и инвестициите насочени кон постигнување конкретни резултати. Поголемото вклучување на приватниот сектор во регионот на Западен Балкан би претставувало прекупотребен сигнал за континуиран интерес од страна на европските чинители. Доколку со нив правилно се управува, таквите инвестиции би можеле да донесат придобивки за локалните економии, а истовремено да генерираат поврат на средствата за европските компании и приватните инвеститори. Воедно, придружните реформи неопходни за да се обезбеди вакво трајно европско присуство (кои опфаќаат сè – од законски измени и стандарди за работната сила до инфраструктурни приоритети) би помогнале земјите од Западен Балкан значително да се доближат до европските стандарди.

Овде постои и поширока стратешка логика. Зголемените европски инвестиции и интеграцијата би го намалиле просторот за надворешните актери да ги искористат економските слабости или политичките поделби во регионот. Западен Балкан долго време претставува раскрсница каде што се вкрстуваат интересите на Европа и на надворешните сили. Обезбедувањето економска поврзаност на регионот со европскиот проект и негово политичко вклучување во истиот е од суштинско значење за долгорочната безбедност на континентот.

Резултатот би бил поширока Европа, која се одликува со поголема стабилност и кохезија. Тоа исто така би покажало дека проширувањето останува еден од најмоќните стратешки инструменти на Европската Унија. Во време кога меѓународниот поредок станува сè пофрагментиран и поконкурентен, цврстото вклучување на Западен Балкан во европското семејство би му покажало на светот дека ЕУ сè уште има капацитет да го обедини континентот, да се справи со сложените предизвици и да го искористи стратешкиот момент.

Зоран Јолевски претходно ја извршуваше функцијата министер за одбрана, амбасадор во САД и шеф на кабинетот на претседателот на Македонија Борис Трајковски.

Линк до колумната: https://www.statecraftandstrategy.com/global-view/bringing-the-western-balkans-in-from-the-cold/

Најнови вести од: Македонија

To top