Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, го повтори ставот на својата партија против правосуден испит на албански јазик.
„Повторно ќе кажам, не постои можност за Македонија да си дозволи таков луксуз и со едно вакво решение да дојде во состојба да имаме судови во коишто ќе се судат Албанци, ќе се судат Македонци и ќе се судат останати. Судот е независна власт и тој треба да постапува кон сите граѓани подеднакво“, изјави Димитриевски пред вечерашната изборна конференција на која ЗНАМ формира Клуб на жените.
Според него, не може да се функционира во држава каде што прв и примарен службен јазик е македонскиот ако не се познаваат правната регулатива и терминологија на оригиналниот службен јазик.
„Со една ваква дополнителна измена на законот сметам дека само би се искомплицирал правосудниот систем во државата, што значи нашиот став е непроменет. Ја чекаме лидерската средба за да ги слушнеме и останатите аргументи“, изјави Димитриевски.