Од следната недела граѓаните ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок, каде е сторен и да ги видат доказите.
Ова го најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тошковски одговараше на новинарски прашања по Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа.
Тој појасни дека апликацијата веќе ја користат странските државјани, а од наредната недела ќе биде достапна и за македонските граѓани.
„Од наредната недела ќе кажеме точно кој ден ќе ја пуштиме апликацијата, која ќе им овозможи на македонските граѓани многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде сториле прекршок и да ги видат доказите“ истакна Тошковски.
Според министерот, новата дигитална алатка ќе ја олесни комуникацијата со институциите и постапувањето кога е изречена санкција.