Осудениот за „27 април“ со највисока казна затвор од 18 години, подоцна намалена на 16, Митко Чавков, ја „одбележува“ утрешната деветгодишнина од апсењето со долга ретроспектива на настаните во Собранието на Фејсбук завршена со пораката: „НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕМЕ ОД ПРАВДАТА!“.
„Не бараме одмазда, НЕ БАРАВМЕ привилегии ниту политичка милост.
Не БАРАВМЕ политичка одлука за нашата невиност.
БАРАВМЕ НЕЗАВИСНО СУДСКО ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ФАКТИЧКАТА, ДОКАЗНАТА И ПРАВНАТА ОСНОВАНОСТ НА НАШАТА ОСУДА.
Случајот „27 април“ одамна ги надмина рамките на личната судбина на осудените и нивните семејства. Тој е тест за владеењето на правото, правната сигурност, независноста на правосудството и институционалниот интегритет на македонската држава.
Вистинската сила на една правна држава не се мери само според нејзината способност да казнува, туку и според нејзината способност независно да ги преиспитува сопствените одлуки и да ги исправи утврдените неправди.
Ниту една политичка цел, колку и да се смета за значајна, не може да го оправда жртвувањето на индивидуалната правда.
Нашата борба е борба за вистината, за правна рехабилитација и за враќање на нарушеното човечко и професионално достоинство.
Слободата може да биде вратена. Изгубените години – никогаш.
НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ!
НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕМЕ ОД ПРАВДАТА!“, порача тогашниот министер за внатрешни работи.