Доста беше со поделби. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции. Време е за големи одлуки и нова национална самодоверба. Државата е создадена да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето – порача премиерот Христијан Мицкоски во Куманово.
Македонија е поголема од секоја политичка генерација. Државата е поголема приказна од сите кусогледни и лични интереси. Татковината се брани со принципи, вера и резултати, а не со навреди и договори под маса, рече Мицкоски во обраќањето по повод 11 Октомври во Спомен-костурницата во Куманово.
Според него, на земјата ѝ е потребно национално единство околу големите стратешки цели.
– Пред нас е деценија на големи промени. Не смееме да ја трошиме иднината на оправдувања. Потребни се реформи, инвестиции, инфраструктура, современо образование, силно здравство и институции што ќе им служат на граѓаните. Нашите предци не ни оставија слободна држава за ние да се плашиме од нејзината иднина. Ни ја оставија за да имаме храброст да ја градиме. Слободата што ја наследивме не е наша заслуга. Но државата што ќе ја оставиме зад нас ќе биде наша одговорност – рече Мицкоски.
Премиерот оцени дека Македонија предолго живеела во рамките на мали очекувања.
– Доста е од мали амбиции и изгубени можности. Предолго се задоволуваше со просечност. Време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува – оцени тој.
Според него, најголемата национална битка е битката за младите. Мора да се изгради иднина во која младите нема да избираат меѓу татковината и сопствената перспектива.
Мицкоски ги посочи економските резултати: раст на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал, извоз од 5,74 милијарди евра во првите осум месеци со раст од 8,7 проценти и просечна нето-плата од 48.499 денари во јули, со годишен раст од 7,1 процент.
– Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближи кон онаа бројка од просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60.000 денари – рече тој, додавајќи дека инфлацијата кај нас е пониска од просекот во ЕУ и од соседите.
Во врска со опозицијата рече дека зборува за сѐ, а бега од народот.
– Доста беше со поделби. Доста беше со изговори. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции. Време е за големи одлуки. Време е за големи дела. Време е за нова национална самодоверба. Државата е создадена за да се развива, да напредува, да создава и да победува! Не да победува други народи, туку да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето – порача Мицкоски.
За односите со Бугарија и европската иднина нагласи:
– Ние бараме да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме останатите… Нема да ја градиме иднината врз омраза… Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство… Достоинство не е предмет на преговарање… Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации.
Тој додаде дека идентитетот не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува, и дека европските принципи мора да важат еднакво за сите.