Свет

Дали да возврати или да попушти?

Спротивставувањето на американскиот претседател носи ризик Украина да ја загуби виталната воена поддршка. Но, попуштањето би можело да биде уште поопасно

 

Во еден тежок месец за Украинците, пред брзото доаѓање на ледената зима, „многу големиот и важен договор“ на Доналд Трамп за набавка на милиони тони дизел гориво од Русија дојде во најлошиот можен момент, оценува „Политико“

Планот на американскиот претседател да ги укине санкциите кон Москва за да овозможи увоз на дизел беше како неочекуван, тежок удар за повеќето Украинци кои трпат напади со роеви беспилотни летала и балистички ракети, додека бројот на цивилни жртви расте.

Администрацијата на Трамп и се заканила на Украина со прекин на разузнавачката соработка

Прашањето за Зеленски е колку всушност може да си дозволи да биде лут.

„Разбирливо е што тој ја покажува својата фрустрација, но тоа носи и негативни последици“, изјави Тим Виласи-Вилси, поранешен британски дипломат и соработник во Кралскиот институт за обединети служби (RUSI).

Украинскиот претседател веднаш го нарече договорот на Трамп „слаба одлука“ и „подарок за Путин“ што ќе ја финансира руската војна. Уште попркосно, тој одобри нови напади со беспилотни летала врз руските рафинерии, што го поттикна Трамп да ги повика Украинците да го сменат Зеленски како свој лидер.

Зеленски не покажува знаци дека ќе ја послуша наредбата на Трамп „добро да размисли и да престане“ со нападите врз рускиот енергетски сектор.

Ова во голема мера претставува продолжение на неговото губење трпение во текот на оваа година, период во кој тој ја заостри реториката и кон критичарите и кон сојузниците, упатувајќи критики до европските лидери за бавното темпо на поддршка, и отворено доведувајќи го во прашање пристапот на Трамп кон војната.

Поостриот тон ја одразува растечката фрустрација во Киев — особено кон американскиот претседател. Отпорноста на украинската одбрана и иновациите во употребата на дронови и ракети ја зголемија самодовербата на Зеленски и неговата подготвеност да возврати. Сепак, јавното изразување на фрустрацијата носи и одредени ризици.

Виласи-Вилси претпоставува дека Зеленски можеби смета оти Трамп би можел да излезе ослабен од изборите за Конгресот (т.н. „midterms“) следниот месец, особено со оглед на тоа што некои републиканци веќе се дистанцираат од партиската линија поради договорот за дизел.

Но, украинскиот лидер ризикува да го испровоцира Трамп да ја прекине виталната американска разузнавачка поддршка или да изврши притисок врз Илон Маск да ја исклучи интернет-услугата „Старлинк“ (Starlink) на „Спејс-икс“ (SpaceX), на која украинската војска во голема мера се потпира.

Зеленски можеби потценува „колку опасен би можел да биде еден ’ранет’ Трамп“ за Украина, предупреди Виласи-Вилси.

Администрацијата на Трамп исто така се закани дека ќе ја запре програмата преку која сојузниците купуваат американско оружје за Украина, објави „Фајненшл тајмс“ во понеделникот.

Тоа би предизвикало сериозни пореметувања во снабдувањето и би го принудило Киев уште повеќе да се потпира на своите европски сојузници, кои и самите се соочуваат со тешкотии во процесот на повторно вооружување.

 

Најнови вести од: Свет

Меѓусоседски спор не може да биде пречка за влез во Унијата

Австрија, Чешка и Словачка, во заеднички неофицијален документ (нон-пејпер) го посочија спорот меѓу Хрватска и Црна Гора како пример за билатерално прашање што го забавува пристапниот процес на кандидатите за членство

To top