Основното јавно обвинителство Кочани веднаш доставило предлог за определување притвор за Ива Михаилова, откако утринава било известено од Основниот суд Кочани дека обвинетата не е пронајдена на домашната адреса и не ја исполнила обврската за јавување во полиција.
Од Обвинителството потврдуваат дека известувањето го добиле утринава и дека без одлагање реагирале со предлог до судот за определување построга мерка за обезбедување на присуството на обвинетата.
„Обвинителството е известено од судот утрово и веднаш до судот е доставен предлог за определување мерка притвор“, информираат од Обвинителството.
Оттаму посочуваат и дека судот има можност да постапува по службена должност, без да чека предлог од јавен обвинител.
Ваквата информација следува по утринската изјава на претседателот на Основниот суд Кочани, Спиро Борисов, кој потврди дека во 9:40 часот судот добил известување од МВР за Михаилова и го доставил до надлежното обвинителство.
„Тие треба да дадат предлог за евентуална построга мерка. Потоа судот одлучува по предлогот. По донесување на одлуката, се издава наредба за потерница“, изјави Борисов.
Со најновата реакција на Обвинителството, предлогот за притвор веќе е доставен и следниот чекор е одлуката на кочанскиот суд.
Михаилова се појави во бугарските медиуми и соопшти дека се наоѓа во Бугарија, иако против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици и ѝ се определени мерки за обезбедување присуство.
Според претходните информации од Обвинителството, уште во октомври 2025 година ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош, а ѝ биле изречени забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска за јавување кај службено лице.
МВР претходно соопшти дека во системот за гранична контрола нема евидентиран излез на Михаилова од Македонија, ниту регистриран легален влез во Бугарија, според информациите добиени од бугарската гранична полиција.
Засега нема потврда дека судот донел решение за определување притвор или дека е издадена наредба за распишување потерница. Одлуката за предложената мерка треба да ја донесе Основниот суд Кочани.