Пишува: Свето Тоевски
Речиси 3200 јазици во светот иако имаат свои автентични граматички структури, немаат сѐ уште никаква граматика, зашто немале свои луѓе како Пулески, Мисирков, Конески!

На денешен ден пред 74 години е испечатена „Граматика на македонскиот литературен јазик. Дел I: Увод. За гласовите. За акцентот“. Во 1954 година е излезена од печат „Граматика на македонскиот литературен јазик. Дел II: За формите и нивната употреба“. Од вкупно 7.170 постојни живи јазици во светот, колку што истакнува „Етнолог“ (светска научна платформа за бележење и документирање на јазиците) дека ги има денес, лингвистот Харалд Хамарстром истражувал 6409 јазици во својата студија „Јазичната и јазичната еволуција“ од 2017 година и констатирал дека за речиси половината од нив „недостасува каков било вид граматички опис“. Појасно кажано, речиси 3200 од сите светски јазици немаат никаква своја напишана граматика, што, сепак, воопшто не значи дека тие јазици немаат свои автентични граматички и други структури и внатрешни законитости. Но значи дека речиси 3200 народи, или етнички групи во светот, немале свои луѓе да се обидат, или и конечно да им напишат научна граматика, како што ги имал македонскиот народ своите Партенија Зографски, Венијамин Мачуковски, Димитар Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков и „лозарите“, сѐ до Круме Кепески и Блаже Конески.
Во уводот на својата „Граматика“ од 13 октомври 1952 година Конески исцрпно се осврна на јазикот на словенската писменост и на развојот на современиот македонски литературен јазик.

Конески стави посебна нагласка на исклучителниот придонес на Крсте Мисирков кон решавањето на прашањето на македонскиот јазик и неговата конечна кодификација. „Словенската писменост во Македонија се затврдува при крајот на 9 и во почетокот на 10 век, кога учениците на Кирила и Методија – Климент и Наум создаваат во Охрид едно од најстарите и најпознати културни словенски жаришта. Книжевната дејност што се развива тогаш е главно преводачка и препишувачка… Јазикот на таа книжнина, денеска наречуван старословенски јазик, беше изграден врз основа на солунскиот македонски дијалект.Самобитната традиција од старословенската епоха продолжува и се продлабочува… Во времето од 16 до почетокот на 19 век постепено се затврдува современиот македонски народен јазик во писменоста. Во 60-тите години од 19 век се изнесе идејата, прво од П. Зографски, за издавање граматика на македонското ‘наречје’. Најблиску до остварувањето на оваа замисла стоеше кукушкиот учител Венијамин Мачуковски, кој во 1872 година објави оглас за собирање претплата за издавање на својата граматика, што ја употребувал веќе во својата учителска практика.
Обид за македонска граматика направи и Пулевски: во 1880 година излезе во Софија неговата ‘Слогница речовска’.“ – посочува Конески во уводот на „Граматиката на македонскиот јазик – прв дел од 1952 година.
„Оваа Граматика на Конески е највлијателен труд во македонистиката воопшто. Тој го има комплетирано и заокружено описот на македонскиот литературен јазик на сите рамништа, прикажувајќи ги неговите посебности и специфики. Граматикатa на македонскиот литературен јазик од Блаже Конески е капитално дело со трајна вредност.“ – истакнуваат Елена Петроска и Станислава-Сташа Тофоска во својот предговор на „Критичко издание на Граматиката на македонскиот литературен јазик на Блаже Конески“. Ова дело е 11-ти том во едицијата „Целокупни дела на Блаже Конески“, објавено во 2021 година од Македонската академија на науки и уметности.

Во 1952 година македонскиот јазик веќе има официјално утврдена азбука, правопис и институционална употреба, а со граматиката на Конески добива систематска научна обработка на својата структура, историја и јазични особености. Токму во тоа се состои значењето на ова капитално дело на генијот од Небрегово: граматиката не е само книга со правила за правилно зборување и пишување. Таа е научен опис на јазичниот систем на еден народ, инструмент за образование и книжевно творештво, како и основа за понатамошниот развој на лингвистиката. Кога еден јазик добива научно разработена граматика, неговите гласови, акцент, зборообразување и граматички конструкции престануваат да бидат само предмет на усно искуство и поединечни набљудувања. Тие стануваат предмет на систематско истражување, споредување, опишување и научна расправа. Затоа делото на Конески треба да се разбере и како темел, врз кој може да се надградува нова научна граматика.
Блаже Конески — архитект на македонскиот литературен јазик и неговата граматика, но не и единствен творец
Називот „архитект на македонскиот идентитет“, кога се применува на Блаже Конески, има историска и културна оправданост, ако се разбере точно: тој е еден од клучните архитекти на современиот македонски литературен јазик, на неговата научна обработка и на неговото институционално утврдување.

Но македонскиот јазик, народот и културниот идентитет не започнуваат со него. Тие имаат многу подлабока историја, во која учествувале поколенија, што го зборувале македонскиот јазик, кои создавале народна книжевност, собирале песни, пишувале на локални говори, кои изработувале речници и се обидувале да воспостават граматички правила за писмена употреба. Историската заслуга на Конески не е во тоа што создал народ или јазик од ништо, туку во тоа што учествувал во научното и институционалното обликување на еден литературен стандард во време кога македонскиот јазик допрва почнувал да задобива официјален статус и современи национални институции. Ова разграничување е важно. Народниот јазик постои пред граматиката, која го опишува. Научната граматика не го создава говорниот јазик, туку ги истражува, систематизира и објаснува неговите закономерности.
По Втората светска војна, со решението за македонската азбука од 5 мај 1945 година и со усвојувањето на правописот во 1945 година започнал институционалниот процес на стандардизација на современиот македонски јазик.

Конески имал значајна улога во тој процес. Во 1946 година била објавена и „Македонската граматика“ од Круме Кепески, која претставувала важен учебник во раниот период на македонското јазично образование. Така, граматиката на Конески од 1952 година не се појавила во историски вакуум. Таа била дел од долготраен и поширок процес на создавање современа јазична инфраструктура: азбука, правопис, граматики, речници, учебници, научни списанија и институции за истражување на јазикот. Посебната тежина на таа граматика произлегува од тоа што зад стандардизацијата следувала потребата македонскиот јазик да се опише во научна длабочина.
Граматиката како вековен стремеж: од Од Партениј Зографски до граматиката – „слогницата речовска“ со македонско именување од Ѓорѓија Пулевски:
За да се разбере историската важност на Конески, неопходно е да се вратиме во XIX век. Обидите за составување граматика не биле изолирани експерименти. Тие биле дел од пошироките преродбенски напори да се проучат народните говори и да се најде соодветна основа за писмена употреба.

Во 1880 година во Софија била објавена „Славјанско-македонска слогница речовска“ на Ѓорѓија Пулевски. Делото е познато како прва печатена граматика на македонскиот јазик во македонската граматичка традиција. Според денешните лингвистички критериуми, тоа не е целосна граматика во современа смисла. Најголем дел од содржината се однесува на буквите, пишувањето и основните јазични правила. Но Пулевски имал историска смелост да го именува и да го опише како „славјано-македонски“ јазикот, за кој се обидувал да состави и да предложи правила за негова употреба и негово пишување. Пулевски не ја создал современата македонска граматичка норма. Но оставил писмен документ за стремежот македонскиот говор да се претвори во систематски опишан и пишуван јазик.
Македонската наука ги бележи и обидите на Партениј Зографски, Димитар Миладинов, Ефтим Каранов и Васил Мачуковски за составување посебна граматика, или за проучување на македонските говори. Во 1872 година Мачуковски објавил повик за помош при печатење граматика, на кој во бугарскиот печат следувал одговор што ја негирал потребата од посебна македонска граматика. Овој историски пример покажува дека граматиката не била само филолошко прашање. Таа била и прашање на национален идентитет, образовна политика и културно признавање. Посебно место им припаѓа на Крсте Мисирков и неговата монументална студија на македонската национална и јазична самобитност „За македонцките работи“, која претставува програмски предлог за македонскиот литературен јазик и неговата основа. Конески припаѓа на генерацијата што ја презела задачата за научно разработување на веќе кодифицираниот стандард. Неговата граматика ги поврзува описот на современиот јазик со историските сведоштва и дијалектната основа.

Конески точно предвиде дека битката за јазикот ќе биде константна борба против националистичките суети и апетити на соседите: „Послушајте, Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“ Ова вонвременско предупредување на генијот од Небрегово денес одекнува со полна сила. Тој нè потсетува дека идентитетот не се брани со отстапки, туку со негување на сопствениот збор на мајчиниот јазик.

А граматиката е еден од столбовите на тој наш јазик, на таа наша жива врска со нашите предци од минатото и со нашите сѐ уште неродени потомци од иднината. Конески научно ја воспостави таа врска.