Фамозниот фонд за купување станови што го предводи данскиот инвеститор Јенс Киндберг од мината недела е основач на две фирми во Македонија за изградба на згради Регистрирани се две фирми „Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“, секоја посебно основана од истоимен сопственик од Копенхаген. Управител и на двете друштва е Киндберг, објави Фактор. Според данските деловни регистри, „Rubik Tower ApS“ и „Premium Residence ApS“ се регистрирани преку данската компанија „VK Skopje Development ApS“, која е нивен директен сопственик. Над неа во сопственичката структура стои луксембуршката „Vaekst Holdings S.à r.l.“.
Според достапните регистарски податоци, двете друштва-основачи се регистрирани пред некое време во Данска, односно на 9 септември 2026 година, а како нивен директор е наведен Томас Нилсен. „VK Skopje Development ApS“ е основана во декември 2023 година, а како нејзин сопственик е наведена „Vaekst Holdings S.à r.l.“.

Данската инвестициска група „Vaekstkapital“ влезе на македонскиот пазар на недвижности со амбиција за портфолио од најмалку 1.000 станови. Зад инвестицискиот бизнис стои Киндберг, финансиски професионалец со долгогодишно искуство во алтернативните инвестиции и во развојот на станбени проекти во Софија. Но, покрај најавената голема инвестиција, остануваат важни прашањата за корпоративната структура, начинот на финансирање и идната намена на становите и билдањето на цените на овие недвижнини.
Во февруари 2026 година беше објавено дека „Vaekstkapital Group“ веќе купила околу 250 станови во изградба во Скопје и дека планира до крајот на годината да го зголеми портфолиото на најмалку 1.000 станови. Според објавените информации, инвеститорите ги купувале становите уште во раната фаза на изградба, понекогаш кога на локацијата се ископани темелите. Во извештаите беше наведено дека групата соработува со локални агенции за недвижности, но и директно со инвеститори. Во моментот на објавувањето не беше прецизирано дали становите ќе се продаваат по завршувањето на изградбата или ќе се задржат за долгорочно издавање.