Амбасадорот на Бугарија во Македонија, Желјаско Радуков, уверува дека бегалката од македонската правда со двојно државјанство Ива Михаилова „ќе си ја врателе“ и без да избега.
„Бугарија на еден или на друг начин ќе си ја вратеше Ива, дали по еден или два месеца. Имаше огромен меѓународен притисок и правните аргументи беа на наша страна“, изјави Радуков за бугарската телевизија БТВ.
Според него, македонската страна има поголема полза од ваквиот развој на настаните, бидејќи „го одвлекува вниманието од европскиот притисок врз Македонија кон разговори со Бугарија за спроведување на нејзините обврски и напредок на европскиот пат на земјата“.
„Прво, се замаглува многу јасен случај на очигледна дискриминација и сега наместо да зборуваме зошто правилата за сите други не се применуваат на г-ѓа Михајлова, зборуваме за тоа како таа ја преминала границата на двете земји“, објасни Радуков.
Тој додаде дека би бил крајно изненаден доколку властите во Македонија не биле запознаени со заминувањето на Михаилова од земјата. Според него, бугарската држава не била информирана за нејзината намера да замине, а веста до бугарската амбасада стигнала од медиумите.
„Напротив, очекувавме да продолжи судењето во главниот случај, како и разгледувањето на жалбите што постојано се поднесуваа за нејзино пуштање на лекување. Исто така, се подготвуваше заедничка работа на медицинска комисија, сега со учество на бугарски лекари, за преглед на документацијата и опциите за нејзино лекување“, рече Радуков.