Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со Тони Станковски, претседател на ЗГ „Љубезност“, денеска, по повод Светскиот ден на борба против сиромаштијата, поделија повеќе од 400 оброци за наши сограѓани на кои им е потребна поддршка. Ѓорѓиевски и Станковски се приклучија и на штандот на отец Оливер и однесоа храна на пунктовите на ХО „Св. Спас“.
– Секој човек заслужува достоинство, почит и сигурност дека во тешките моменти нема да остане сам. Од срце им благодарам на Тони Станковски, на отец Оливер, на волонтерите од „Љубезност“ и „Св. Спас“ и на сите кои вложуваат време, труд и љубов за да помогнат. Вашата посветеност е пример за човечност што заслужува и почит и поддршка. Како градоначалник, мојата обврска е да бидам покрај граѓаните, особено кога животот ги става пред најтешките искушенија. Скопје е град на солидарноста и на големите срца. Таа солидарност живее во секоја подадена рака, во секој споделен оброк и во нашата подготвеност да застанеме покрај човекот кому му е потребна помош – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека ќе продолжи да ги поддржува иницијативите што носат конкретна помош и да работи за Скопје во кое грижата за човекот е секојдневна должност, бидејќи вистинската големина на еден град се гледа во грижата што ја покажува кон своите луѓе.