Во рамки на посетата на Софија, министерот за здравство го посети Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“, каде што се запозна со работата на установата и современите пристапи во грижата за мајките и новороденчињата.
За време на посетата, Клековски разговараше со медицинските тимови и размени искуства за можностите за унапредување на соработката, особено во областа на неонаталниот скрининг и раното откривање здравствени состојби кај новороденчињата.
„Мајчин дом“ е најголемата клиника по неонатологија во Бугарија, со оддел за интензивна нега и современа медицинска опрема. Во рамки на установата работи и Националната генетска лабораторија, која спроведува скрининг на новороденчиња, вклучително и метаболички и генетски испитувања.
Клековски истакна дека размената на знаења и добри практики може да придонесе за подобра грижа за мајките и новороденчињата, како и за поквалитетно и подостапно здравство за сите граѓани.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, и министерката за здравство на Република Бугарија, Катја Ивкова, вчера потпишаа План за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија за периодот 2026–2028 година.
Со Планот се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес.
Планот предвидува размена на информации и искуства, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари.
Како приоритетни области на соработка се утврдени примарна и специјализирана медицинска заштита, болничка здравствена заштита, превенција и контрола на заразните и незаразните болести, како и епидемиолошки надзор, медицинска статистика, организација на здравствен одговор при вонредни состојби, електронско здравство, како и други области од заемен интерес.