Регион

Клековски во посета на Универзитетскиот акушерско-гинеколошки комплекс во Софија

Потпишан план за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија за периодот 2026–2028 година.

Во рамки на посетата на Софија, министерот за здравство го посети Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“, каде што се запозна со работата на установата и современите пристапи во грижата за мајките и новороденчињата.

За време на посетата, Клековски разговараше со медицинските тимови и размени искуства за можностите за унапредување на соработката, особено во областа на неонаталниот скрининг и раното откривање здравствени состојби кај новороденчињата.

„Мајчин дом“ е најголемата клиника по неонатологија во Бугарија, со оддел за интензивна нега и современа медицинска опрема. Во рамки на установата работи и Националната генетска лабораторија, која спроведува скрининг на новороденчиња, вклучително и метаболички и генетски испитувања.

Клековски истакна дека размената на знаења и добри практики може да придонесе за подобра грижа за мајките и новороденчињата, како и за поквалитетно и подостапно здравство за сите граѓани.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, и министерката за здравство на Република Бугарија, Катја Ивкова, вчера  потпишаа План за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија за периодот 2026–2028 година.

Со Планот се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес.

Планот предвидува размена на информации и искуства, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари.

Како приоритетни области на соработка се утврдени примарна и специјализирана медицинска заштита, болничка здравствена заштита, превенција и контрола на заразните и незаразните болести, како и епидемиолошки надзор, медицинска статистика, организација на здравствен одговор при вонредни состојби, електронско здравство, како и други области од заемен интерес.

Најнови вести од: Регион

Ива побарала онлајн да учествува на денешното судење во Кочани

Таа објасни дека нејзиниот адвокат поднел барање за да може да учествува преку интернет на денешното рочиште за случајот во судот во Кочани. „Значи, чекаме да видиме дали обвинителството и судот ќе го прифатат ова наше барање да се вклучиме онлајн

Бугарија одбива европска медијација во спорот со Македонија

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски вчера изјави дека дијалогот што се води околу отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на ЕУ, додавајќи дека земјава останува на своите јасни и принципиелни позиции.

Најнови вести

To top