Според премиерот, правото на високо образование на мајчин јазик не е спорно, но нагласи дека треба да се прави разлика меѓу јазикот на образованието и функционирањето на правосудниот систем.
– Писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој го завршиле кандидатите високото образование, додека усниот дел, кој опфаќа симулација на граѓански и кривичен спор, треба да се одвива на македонски јазик. Никој не го спори правото да се заврши високо образование на јазикот што го овозможила државата – изјави премиерот, посочувајќи дека правните факултети во земјава овозможуваат образование и на јазици различни од македонскиот.
Мицкоски се повика на принципот на употребата на заеднички јазик во одреден систем. – Во Македонија, тој јазик е македонскиот и согласно со препораката на Венецијанската комисија, треба да се почитува мислењето од меѓународните институции. Така што правосудниот систем во Македонија систем, во кој македонскиот јазик ќе биде тој што е официјален – дециден е Мицкоски.
Тој се повика и на препораките на Венецијанската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците, посочувајќи дека треба да се земаат предвид мислењата на меѓународните институции.
Претставниците на студентите Албанци, по средбата со министерот за правда, Шасивари, изјавија дека целосно им е неприфатлив предлогот со кој би полагале 12 предмети за правосуден испит на албански јазик, а само два на македонски.
– Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи треба да се полагаат два испити на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо, освен да се почитуваат Уставот и законите. Шасивари ни вети дека повторно ќе има средба со нашите декани и професори, но сакаме целиот правосуден испит да се полага на албански јазик – изјави Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“, кој најави нови протести ако не се исполни нивното барање.