
Трите братчиња од Делчево што го победија Охридското езеро денеска се примени од претседателката Гордана Сиљановска Давкова во вилата Биљана во Охрид.
Инспиративен е подвигот на братчињата Филип, Максим и Калин од Делчево кои годинава по вторпат го испливаа Илинденскиот пливачки маратон, во должина од 2,5 километри, објави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
,,Освен што се гордост за своите родители, тие се и пример за врсниците, соучениците, за целата генерација.
Докажаа дека, со силна волја и решеност, нема предизвик којшто не може да се надмине. Двапати се соочиле со Охридското Езеро и двапати, го победиле.
Љубовта кон спортот и спортскиот дух којшто го негуваат тројцата, наместо насилство и говор на омраза, поттикнуваат натпревар на знаење, на посветеност и на издржливост”, објави претседателката по средбата со трите братчиња пливачи од градот каде што нема базен.