Македонија

МЕПСО бара зголемување на преносната тарифа за струја за околу 98 отсто од јануари 2027, а четирите компании за топлинска енергија и на цената на парното греење

Конечниот збор го има Регулаторната комисија за енергетика, од чии одлуки ќе зависи колку повеќе ќе плаќаат граѓаните за струја и за греење. Пред една седмица премиерот Христијан Мицкоски изјави дека цената на електричната енергија до крајот на годината ќе остане иста, а Владата ќе се бори таа да остане иста и од 1 јануари 2027 година.

Се бара поскапување на парното и на струјата во Македонија. МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за речиси 98 отсто, а четирите компании за топлинска енергија бараат ново поскапување на парното, наведувајќи наведувајќи дека цената на природниот гас во октомври е повисока за околу 60 отсто во споредба со онаа врз основа на која беше донесена последната одлука.

Доколку Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги одобри барањата, граѓаните би можеле да се соочат со повисоки сметки за струја и за греење во текот на претстојната зима. Сепак, конечниот ефект ќе зависи од одлуките на регулаторот и од тоа колкав дел од предложените зголемувања ќе биде прифатен.

МЕПСО бара преносната тарифа за електрична енергија од 1 јануари 2027 година да се зголеми за 97,68 отсто, од сегашните 0,3018 на 0,5966 денари за киловат-час. Барањето е доставено на 16 октомври, а доколку биде целосно одобрено и се пренесе трошокот врз потрошувачите, сметките за струја би можеле да пораснат за околу четири до пет проценти само по овој основ.РКЕ треба да ги анализира трошоците на компанијата и да утврди колкав дел од бараниот приход е оправдан.

Ново поскапување се најавува и кај парното во Скопје. Барања за ревидирање на актуелната цена доставиле „ЕСМ Производство“, „ЕСМ Снабдување“, „ЕСМ Дистрибуција“ и „Енерџи еколонг“, компанијата што претходно работеше под името „Скопје Север“.

Од РКЕ потврдуваат  дека како главна причина за барањата компаниите ја наведуваат високата цена на природниот гас. Од ЕСМ информираат дека, според нивните пресметки, гасот во октомври е поскап за околу 60 отсто во споредба со цената врз основа на која беше донесена последната одлука за парното во јули.

„Можното зголемување на цената зависи од повеќе чинители: клучно влијание има цената на гасот на берзите. Сгашните прогнози укажуваат на раст на цената на природниот гас, пред сè како резултат на тековните геополитички случувања на Блискиот Исток, кои предизвикуваат нестабилност на глобалните енергетски пазари.“ – соопштија од ЕСМ.

Ако биде одобрено, ова ќе биде трето поскапување на парното во 2026 годинава. Во јануари цената беше зголемена за пет проценти, меѓу другото поради потребата од вложувањата во мрежата и поправка на дефектите. Кон крајот од јули 2026 година РКЕ одобри зголемување од уште речиси шест проценти, кое стапи во сила на 1 август.

Засега нема конечна одлука за новата цена на парното, ниту за преносната тарифа на МЕПСО. Врз конечната цена на струјата за 2027 година ќе влијаат и другите компоненти, меѓу кои трошоците за производство и за дистрибуција. Доколку пораснат и тие, сметките би можеле дополнително да се зголемат, додека делумно одобрување на барањето на МЕПСО би значело помал ефект врз потрошувачите.

Конечните одлуки на РКЕ ќе покажат колкав дел од зголемените трошоци ќе падне на товар на граѓаните. Речиси двојно повисоката преносна тарифа не значи двојно поскапа струја, ниту растот на цената на гасот за 60 отсто автоматски значи толкаво поскапување на парното.

 

 

Најнови вести од: Македонија

Регионален форум во Скопје: Преку вклучување на младите до побезбедни, понапредни и поодржливи локални заедници

Регионалниот форум го организира Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа – НАЛАС, во рамки на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, кој го спроведува УНДП, во соработка со УНФПА, УНИЦЕФ и UN Women, со поддршка од Фондот за мир на Обединетите нации.

Уставен суд постапува по предметите за платите на обвинителите, кои тврдат дека им се најниски во регионот

Уставниот суд информира дека постапува по три предмети во кои се оспорени одредби од законите што ги уредуваат платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители.

Дете од 4 години е најмлад милионер во РМ, а 97-годишен пензионер најстар

Дете од четири години остварило 3,1 милион денари од дивиденда, а 97-годишен пензионер 1,089 милиони денари, од кои 59 отсто од пензија, а останатото од дивиденда, покажуваат податоците од Управата за јавни приходи (УЈП) за 2025 година.

To top