Во Нови Сад се уапсени пет лица под сомнение дека организирале насилство и немири во Белград за време на предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври.
Информацијата ја објави РТС, пренесувајќи официјално соопштение на надлежните органи.
Акцијата е спроведена по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, во координација со Вишото јавно обвинителство во Нови Сад и со ангажман на припадници на Агенцијата за безбедност и информирање (БИА).
Според обвинителството, осомничените подготвувале мобилни групи што требало да пристигнат во престолнината и да учествуваат во насилни дејствија за време на гласањето.
Обвинителството наведува дека „осомничениот М. В. требало да командува со група од околу 40 лица, а со приклучувањето кон други групи бројот требало да се зголеми на меѓу 80 и 90 лица“.
Тие се товарат за кривични дела поврзани со подготовка на дејствија против уставниот поредок и безбедноста на Србија, како и за повикување на насилна промена на уставниот поредок. Одреден им е притвор до 48 часа.
Според српски медиуми, М. В., уапсен денеска во Нови Сад, и М. А., уапсен во Врњачка Бања, поседуваат хрватски пасоши и државјанство на Република Хрватска. Засега не е потврдено дали имаат и српско државјанство.