Во статијата, покрај другото, се истакнува: Денот на македонската револуционерна борба 23 Октомври не е само потсетник на основањето на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година. Тоа е повод повторно да се навратиме на идеите и визиите на нејзините основоположници, луѓе што во најтешките историски околности ја формулирале борбата за слободна Македонија. Меѓу нив посебно место зазема д-р Христо Татарчев, првиот претседател на Централниот комитет на Организацијата и еден од нејзините најистакнати основачи. Во пресрет на 23 Октомври, особено внимание привлекува неговиот текст напишан во Торино во декември 1930 година, објавен во весникот „Македонија“, бр. 1251, Софија, на 17 декември 1930 година. Станува збор за документ што, речиси четири децении по основањето на Организацијата, претставува политички, национален и духовен тестамент на еден од луѓето што стоеле во темелите на македонското револуционерно движење,
Но за целосно да се разбере неговата порака, неопходно е да се согледа историскиот контекст, во кој е напишана. Во 1930 година, Македонија веќе седумнаесет години е поделена меѓу соседните држави по Балканските војни од 1912 и 1913 година. Вардарска Македонија се наоѓа под српска власт, Егејска Македонија под грчка, а Пиринска Македонија под бугарска власт. Тоа е време кога македонското име, јазик и национална посебност се соочуваат со жестоки политики на асимилација, негирање и национално присвојување. Македонското прашање е предмет на постојани балкански и меѓународни пресметки. Токму во такви околности Татарчев го пишува својот текст. Не како млад револуционер исполнет со романтични идеали, туку како човек што ја преживеал целата драматична епоха на македонската борба, од создавањето на Организацијата, преку Илинденското востание, сè до поделбата на Македонија и разочарувањата што ја следеле.
Во текстот тој пишува: „Македонија била и останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик и моштите на неговите предци и предци. Индивидуалноста на македонскиот народ, која е резултат на истакнати сили кои дејствувале низ вековите, е зачувана до ден-денес и ќе биде зачувана и во иднина. Бидејќи во него живее тој невидлив и неранлив дух кој ја води неговата судбина. Токму овој дух, заедно со духот на безбројните херои кои паднале за слободата на Македонија, кој лебди над нашата прекрасна земја, го одржува во Македонецот светиот оган на слободата, ги одржува во Македонецот безусловната љубов кон татковината, со цел да ѝ служи несебично, групирани околу нејзината историска, веќе револуционерна организација, предодредена од промислата со мисијата за постигнување на слободата и независноста на Македонија. На овој начин, не само што ќе се создаде правда и фер игра за достојниот македонски народ, туку ќе се воспостави и мир на Балканот. Денес, љубовта на Македонецот кон татковината не е само чувство, туку императивна должност која почива на неговата мисла и волја и ги стимулира неговите дела. Оваа патриотска должност бара цврста организација, ред и дисциплина. Македонија ќе биде одземена од нејзините сегашни тирански владетели преку тврдоглавата борба на целиот македонски народ. Во единството на силите на сите Македонци е нашата сила и нашата победа“.
Особено значајна е неговата констатација за „индивидуалноста на македонскиот народ“. Во време кога речиси сите балкански држави настојуваат да ги присвојат Македонците како дел од сопствените национални проекти, Татарчев недвосмислено говори за посебна македонска народна индивидуалност создадена низ вековите. Тоа не е случајна формулација. Напротив, таа ја претставува суштината на неговото разбирање на македонското прашање. Во центарот на неговата мисла се наоѓа и идејата за „невидливиот и неранлив дух“. Според Татарчев, токму тој дух е гаранцијата дека македонската идеја ќе преживее без оглед на поделбите, окупациите и обидите за асимилација. Станува збор за длабоко историско уверување дека народите не опстојуваат само преку државните институции туку и преку сопствената колективна свест, традиција и историска меморија.
Интересно е што во неговиот текст, љубовта кон татковината не е претставена како романтичен идеал. Таа е обврска. „Императивна должност“, како што самиот пишува. Патриотизмот кај Татарчев подразбира организираност, дисциплина, ред и посветеност кон националната кауза. Во таа смисла, неговиот текст не е само емотивен повик туку и политичка програма. Можеби најсилната порака е содржана во последните зборови: „Во единството на силите на сите Македонци е нашата сила и нашата победа“. Во услови на поделена Македонија и расцепкано револуционерно движење, Татарчев токму единството го гледа како клучен предуслов за остварување на националните идеали.
Поради тоа, овој текст денес има значење далеку поголемо од обичен историски документ. Тој е сведоштво напишано во време кога македонското прашање се наоѓало во една од своите најтешки етапи. Во него се испреплетуваат меморијата за минатото, верата во иднината и убедувањето дека македонскиот народ, и покрај сите искушенија, поседува сопствена историска индивидуалност и право сам да ја гради својата судбина. Токму затоа, во деновите кога се одбележува 23 Октомври, зборовите на Христо Татарчев претставуваат историско сведоштво за една генерација револуционери што ја доживувале Македонија како завет, како идеја и како највисока должност кон минатите и кон идните поколенија.
Всушност, 23 Октомври е потсетник на континуитетот на македонската национална идеја, на истрајноста на генерациите што ја носеле низ времето и на фактот дека современата македонска држава е резултат на повеќедецениска борба, пожртвуваност и вера во правото на сопствена иднина со три неисцрпни извори од кои и денес се напојуваат македонската национална самосвест и државната идеја. На нив почива нашето минато, од нив произлегува нашата сегашност и кон нив секогаш ќе се враќа секој обид да се разбере вистинската смисла на македонската револуционерна борба за слобода и независност.