
„Бараме претставниците на Република Албанија и Република С.Македонија, кои се во Советот на Европа, да побараат преиспитување на Резолуцијата на Советот на Европа од 2011 година, бидејќи досега од многу аспекти е докажано дека никогаш немало трговија со човечки органи од страна на УЧК на Косово, поради што беше лажно побарано формирање на Специјалниот суд.“ – изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети на протестниот митинг во Приштина на 7.8.2025 година на припадниците и поддржувачите на некогашната Ослободителна војска – УЧК на Косово против Специјалниот судски трибунал во Хаг. Се наметнува дилемата: дали Али Ахмети во Приштина побара „преиспитување на Резолуцијата на Советот на Европа од 2011 година во врска со косовската УЧК“, но со одредена цел и да превенира можна негова кривична одговорност во Македонија како „врховен командант“ на македонската УЧК во врска со „Хашките случаи“, ако и откако би биле тие реактивирани во македонското правосудство, што го бара токму Советот на Европа? Комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ на 17 јануари 2024 година достави писмо до претседателот на Владата на Република Македонија, во кое укажува дека „треба да се поништи автентичното толкување на Законот за амнестијата за хашките случаи“ кое беше направено во 2011 година околу тоа „како да се примени Законот за амнестија донесен 2002 година“. Адвокатот на „воените ветерани на УЧК“ во Хаг Том Гаши изјави во 2020 година дека „и Али Ахмети може да се најде на обвинителната клупа во Хаг“! Ахмети се „буни“ против резолуцијата на Советот на Европа, врз основа и на која им се суди денес на водачите на косовската УЧК, но Советот на Европа бара од македонската држава и нејзиното правосудство да го седнат и Ахмети на обвинителна клупа, поради „воени злосторства на УЧК во Македонија во 2001“.
Специјалниот суд во Хаг им суди на Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и на други водачи на поранешната УЧК на Косово, според обвинението, за „воени злосторства извршени во Косово“. Протестот во Приштина го организираше Организацијата на „воените ветерани на косовската УЧК“, чиј претседател Хисни Гуцати на протестот кажа дека „Специјлниот суд скршнал од својата мисија и оти ја искривува историјата“.
Али Ахмети беше „специјално повикан“ како еден од четворицата говорници на овој протестен собир во Приштина, во својство и како еден од основачите на некогашната УЧК на Косово. Неколку пати Али Ахмети заедно со учесниците на протестот извикуваше „УЧК, УЧК, НАТО, НАТО!“ Ахмети извикуваше „УЧК, УЧК!“ и на предизборен митинг во Скопје во април 2024 година во кампањата за кандидатурата на Бујар Османи како тогашен кандидат за претседател на Македонија. „Да нема огорченост, оти извикував ‘УЧК’. УЧК е гордоста на Албанците, таа ја спаси Македонија!“ – „објаснуваше“ Ахмети на предизборен митинг во Дебар на 29 април 2021 година, кога рече за себе дека „влегол во политиката како востаник“.
Денес во Приштина Ахмети во сличен тон се огласи со тврдење дека „победата на УЧК на Косово“ во деведесеттите години од минатиот век „повлијаела и врз подобрувањето на позицијата на Албанците во С.Македонија и во регионот.“ „Нашиот албански народ историски секогаш бил обединет како едно тело кога ни биле загрозувани идентитетот и достоинството. Затоа и денес, ние, Албанци од сите албански простори, од Тетово, Кичево, Струга, Скопје, Куманово, Гостивар, дојдовме на овој овој протест за правда, за да побараме слобода за ослободителите, кои се третираат неправедно од Специјалниот суд. Војната и победата на УЧК на Косово, која не беше терористичка, повлијае и врз подобрувањето на позицијата на Албанците во С.Македонија и во регионот.“ – кажа лидерот на ДУИ Ахмети на митингот во Приштина.
Тој наведе во својата реч дека „Специјалниот суд истражувал и неправедно судел само за една страна и систематски го исклучувал насилството на српската држава“, кое е, според него, „извор на геноцидот и воените злосторства што Србија ги извршила на Косово“.
Инаку, треба да се потсети дека на покана на истражителите на Специјалниот суд во Хаг на 23 јули 2020 година Али Ахмети присуствуваше во својство на сведок на судењето на Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, поради сомничењата дека се одговорни за „стотина воени злосторства, убиства, присилно исчезнување, прогонства и тортура“. Весникот „Слободен печат“ ја пренесе во 2020 година изјавата на адвокатот на „воените ветерани на УЧК“ Том Гаши дека „и Али Ахмети може да се најде на обвинителната клупа во Хаг“! „Секој што е Албанец и кој бил на некој начин вмешан во УЧК може да се најде на списокот со обвинети. Може и Али Ахмети да се најде на обвинителната клупа во Хаг.“ – имаше кажано адвокатот Гаши за „Слободен печат“.
Можен развој на случувањата токму во насока на изјавата на Гаши навестува комесарката на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ, која на 17 јануари 2024 година достави писмо до претседателот на Владата на Република Македонија, во кое укажува дека „треба да се поништи автентичното толкување на Законот за амнестијата за хашките случаи“ од 2011 година околу тоа „како да се примени Законот за амнестија донесен 2002 година“. Значи, Советот на Европа, односно комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ побараа од македонската влада и домашниот правосуден систем да се реактивираат четирите хашки случаи од 2001 година: „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“, „Непроштено“ и „Липковска брана“.
„Писмото-препорака на Советот на Европа во врска со овие ‘Хашки предмети’, вратени за процесирање во македонското правосудство од Хашкиот трибунал, укажува дека е „неопходно за правдата овие случаи на воени злосторства во Македонија да бидат повторно судски процесирани, откако на легален начин ќе биде укинато автентичното толкување на Законот за амнестија од 2002 година.“ – објави весникот „Нова Македонија“ во својата статија со наслов „Од каде да се започне со реактивирањето на хашките случаи?“, објавена на 5 март 2024 година.
Останува дилемата: дали Али Ахмети на протестниот митинг во Приштина побара „преиспитување на Резолуцијата на Советот на Европа од 2011 година во врска со косовската УЧК“, но со одредена цел и да превенира можна негова кривична одговорност во Македонија како „врховен командант“ на македонската УЧК во врска со „Хашките случаи“, ако и откако тие би биле реактивирани во македонското правосудство, што го бара токму Советот на Европа? Ахмети се „буни“ против резолуцијата на Советот на Европа, врз основа и на која им се суди на водачите на косовската УЧК, но Советот на Европа бара од македонската држава и нејзиното правосудство да го седнат и Ахмети на обвинителна клупа, поради „воени злосторства на УЧК во Македонија во 2001“.