Македонија

(Фото): „Комшилук“ освои европска награда – Маалската „Травијата“ од Железара доби признание во Брисел

Приказната за Виолета и Алфредо, која летово се раскажуваше меѓу балконите на скопска Железара, стигна и до Брисел. Културната иницијатива „Комшилук“ ја освои наградата „Нов европски Баухаус“ (New European Bauhaus Prizes 2026), што ја доделува Европската комисија, за проектот „Травијата во три чина“.

Признанието беше доделено на 15 октомври во Брисел, во категоријата „Rising Stars“, во рамките на тематската област „Зајакнување на локалната демократија и инклузијата“. Наградата го препознава пристапот на проектот кон културата и активното учество на локалната заедница. Ако во секое маало важи правилото дека добриот трач далеку се слуша, тогаш приказната за Виолета и Алфредо е најдобар доказ за тоа. Љубовната приказна што ја следеа соседите од своите прозорци и балкони стигна и до европската културна јавност.

  • „Да се биде добар граѓанин започнува со тоа да се биде добар комшија. Комшилукот е најмалата, но и најважната граѓанска единица каде што се учевме на солидарност, одржливост и заедништво – вредности кои денес се препознаени на европско ниво, а кај нас се заборавени“, вели Стефан Александар Јовановски, основач на „Комшилук“.

Инспирирана од операта „Травијата“ на Џузепе Верди, оваа интерпретација ја пресели приказната во секојдневието на скопско соседство. Наместо во традиционална оперска сала, дејството се одвиваше меѓу шест станбени згради во Железара. Балконите и прозорците станаа дел од сцената, а публиката се движеше низ маалото следејќи ги трите чина на претставата.

Во оваа верзија, љубовта на Виолета и Алфредо не можеше да остане само нивна работа. Коментарите и озборувањата на соседите станаа дел од дејството, прикажувајќи го влијанието на заедницата врз личните избори. За разлика од трагичниот расплет на оригиналната опера, маалската „Травијата“ заврши со свадба и заедничка прослава.

  • „Преку ликовите на Виолета и Алфредо покажавме дека културата има моќ да ја препише реалноста. Го променивме крајот – наместо трагедија, создадовме голема свадбена прослава за целиот комшилук. Токму тоа е суштината на доброто соседство: да славиме заедно и да градиме простор каде што секој се чувствува дел од заедницата“, додава Јовановски.

Во реализацијата на проектот учествуваа околу 150 луѓе, меѓу кои повеќе од 100 локални жители, а изведбата ја проследија приближно 2.000 посетители. Соседите не беа само публика, туку и учесници во културниот настан што се случуваше пред нивните домови.

Фестивалот „Комшилук“ започна пред три години токму во Црвените згради во Железара, а потоа се реализираше и во Шуто Оризари, Побожје, Струга и Битола. Со секое ново издание, иницијативата ја развива идејата дека јавниот простор може да биде место за уметност, а соседите активни учесници во неговото културно оживување.

Наградите „Нов европски Баухаус“ се дел од иницијативата на Европската комисија што ги поврзува одржливоста, инклузивноста и естетиката. Тие препознаваат проекти што придонесуваат за подобар живот во локалните заедници преку нови начини на користење на просторот.

Европското признание отвора можности за понатамошен развој на „Травијата во три чина“. Концептот е замислен како оперска изведба приспособена на конкретен простор, која може да се реализира и во други градови, во соработка со културни организации и театри, притоа задржувајќи ја поврзаноста со локалната заедница.

Со наградата во Брисел, „Комшилук“ покажа дека за силно културно доживување не се секогаш потребни големи сцени. Понекогаш се доволни неколку станбени згради, соседи подготвени да учествуваат и добра приказна што ќе ги поврзе. А кога приказната е добра, очигледно и европските комшии ќе слушнат за неа.

Најнови вести од: Македонија

Samsung продолжува да бележи рекордна продажба на серијата Galaxy Z8 во Европа, при што продажбата на Galaxy Z Fold8 и Fold8 Ultra е зголемена за речиси 50% на годишно ниво

Сообраќајот од пребарувања за уредите на Samsung со преклопен екран во Европа се зголеми за над 260%, при што во септември достигна скок од 460%

Димитриеска-Кочоска: Со вториот ребаланс ги усогласуваме проекциите со реалните економски движења

Вкупните приходи во вториот ребаланс се планирани на 374,2 милијарди денари, а дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП. Проекциите за економскиот раст и за инфлацијата се задржуваат на 3,5 проценти, додека најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.

(Фото): Неколку илјади посетители на прославата на третиот роденден на „Diamond Mall“ со Петар Грашо и Јелена Розга

Diamond Mall го одбележа својот трет роденден со голема прослава за посетителите, истовремено продолжувајќи ја својата определба да создава долгорочна вредност за заедницата.

To top