Македонија

Панов: На оспорувањата на македонската историја не одговараме со зборови, туку со историски документи и проверливи факти

Институтот за национална историја денеска ги промовираше резултатите од проектот проектот „Извори за историјата на Македонија – тематска целина религија“. Оваа колективна монографија е замислена како долгорочен макропроект, структуриран во повеќе тематски целини, насочени кон прибирање и критично проучување на историската граѓа за Македонија, проширување на документарната основа и отворање нови истражувачки прашања. Ова го објави „МКД.мк.“

Порталот натаму истакнува: Тематската целина „Религија“ опфаќа широк историски период, од античките религиски култови и христијанизацијата на Македонија, преку богомилството и Охридската архиепископија до верските институции, образованието и религиските традиции во османлискиот и современиот период, вклучително и во македонската дијаспора. Притоа религијата е разгледана во нејзината поврзаност со општествените, политичките и културните процеси во македонската историја.

Директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов, истакна дека по подолг период повторно се создаваат услови за системски, колективни и долгорочно осмислени истражувања, неопходни за континуиран развој на историската наука и создавање нови научни сознанија.

„Овој проект е особено важен во време кога македонската историја и историското и културното наследство се предмет на оспорувања и политички условувања. Во такви околности, нашата одговорност како Институт и историчари е да останеме доследни на научните принципи, на оспорувањата на не одговараме со декларации, туку со историски документи, критичка анализа и проверливи факти“, нагласи проф. д-р Панов.

Тој истакна дека резултатите претставени денеска, не се завршница, туку основа за продолжување на макропроектот „Извори за историјата на Македонија“ низ наредните тематски истражувања.

„Тоа е нашата научна определба и нашата обврска како институт: да ја продолжиме и надградуваме речиси осумдесениската традиција за национална историја, за проучување, истражување, негување и афирмација на македонската историја и историското културно наследство“, потенцира Панов.

Тој потсети дека проектот е резултат на обновувањето на финансирањето на научно-истражувачките проекти на научните институции од стратегиски интерес за државата, од страна на Министерството за образование и наука, изразувајќи благодарност до министерката Весна Јаневска.

„Министерството уште во 2024 година обезбеди средства и за дигитализација на Институтот, со што се создадоа предуслови за освременување на некои од документациските и библиотечните ресурси. Финансирањето на истражувањата и дигитализацијата на постојните фондови се два комплементарни процеси: едниот овозможува развој на научно-истражувачката дејност, а другиот зачувување, систематизација и подостапно користење на архивската и библиотечната граѓа“, посочи Панов.

Тој додаде дека во реализацијата на проектот учествувале 17 истражувачи со вкупно 140 истражувачки денови посветени на архивска и библиотечна работа во земјата и во странство. Рече дека во Македонија истражувањата се одвиваат во Државниот архив, вклучително во Скопје, Охрид и Битола, во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, во фондовите на Македонската академија на науките и уметностите, во архивот на Исламската верска заедница, како и во документациското одделение и библиотеката на самиот Институт. Во странство биле опфатени архивски и библиотечни центри во Софија, Белград, Сараево, Истанбул, Тирана, Атина, Глазгов и Единбург.

Панов истакна дека овој проект придонел и за проширување на меѓународната академска соработка, при што е потпишан меморандум за институционална соработка со Универзитетот во Единбург, со што се отвараат можности за академска размена и заеднички научни иницијативи. Резултатите од истражувањата, додаде тој, биле претставени и на меѓународни конгреси, симпозиуми, конференции и академски предавања во Скопје, Охрид, Глазгов, Виена и Лоѓ.

Маја Ангеловска Панова професор и научен советник во Одделението за античка и средновековна историја при Институтот за национална историја, рече дека денешниот симпозиум, како и промоцијата на истоимената колективна монографија, се во тесна врска со проучувањето и научната елаборација на историските извори што се однесуваат на религиозните процеси, институции и традиции на просторот на Македонија, инкорпорирајќи се длабоко во духовниот, културниот, општествениот и политичкиот живот.

„Станува збор за дело кое го обработува едни од најсложените и фундаментални прашања во историскиот развој на Македонија, имено местото и улогата на религијата во различните историски периоди и општествени констелации. Колективната монографија претставува обемен и тематски прилично хетероген научен корпус составен од предговор и 14 поглавја подредени според хронолошки редослед на проблематиката изложена во две изданија на македонски и на англиски јазик, со што се отвора простор за афирмација на научните резултати пред пошироката меѓународна научна јавност“, рече Ангеловска Панова.

Според неа, она што ја прави оваа монографија автентична е пред сè нејзиниот изворен и интердисциплинарен карактер, особено што религијата не е разгледувана само како духовна или црковна категорија, туку како феномен кој во различни историски околности се преплетувал со политиката, културата, образованието, дипломатијата, социјалните процеси и колективното паметење.

„Научно-истражувачкиот дискурс започнува со култот на Кипела и египетските божества во антична Македонија, преку анализа на континуитетот и трансформациите на христијанството од 7-от до почетокот на 10-от век, понатаму продолжува со улогата на религијата во средновековната политика и дипломатија и со богомилството како историски феномен со статус на дисидентско движење во препознатливиот амбиент на средновековието“, посочи таа.

Додаде дека посебно место заземаат истражувањата посветени на Охридската архиепископија, вакафите, егзархијата, Цариградската патријаршија како и на развојот на исламското образование преку примерот на Гази Иса-беговата медреса во Скопје. Овие поглавја, истакнува таа, ја демонстрираат сложеноста на односот меѓу религијата, институциите, образованието и политичката власт.

„Колективната монографија засегнува и прашања детерминирани од верскиот живот, традицијата и колективното сеќавање на македонското население во различни историски и географски контексти: во делот на Македонија во Грција, во Албанија и во македонската дијаспора во Австралија. Значаен сегмент претставува и корпусот на фондови од Државниот архив на Република Македонија како и регистрите на црковните судови од Битола од втората половина на 20 век“, рече Ангеловска Панова.

Таа истакна дека проектот со оваа публикација создава вредна основа за понатамошни истражувања, отвора нови прашања и пред сè потсетува дека без критичко читање и препрочитување на изворите не е можно целосно разбирање на минатото, а делумно и создавање амбиент за делување во иднина.

Државната секретарка во МОН Елена Ивановска, рече дека Министерството ќе продолжи да ги финансиски да ги стимулира овие научно-исражувачки проекти, да се придонесе за развојот на научно истражувачката мисла во Македонија. -Оттука сакам да порачам дека пари за науката и понатаму ќе има, затоа што сме свесни дека без наука и образование нема ниту развој на државата – порача Ивановска.

Централниот резултат на проектот е колективната монографија подготвена во две јазични изданија на македонски и на англиски јазик. Во 14 научни поглавја се обединети сознанијата од истражувањата македонската изданија која ја збогатува домашната историографска продукција, додека англиското овозможува резултатите да бидат достапни и за меѓународната академска јавност.

Најнови вести од: Македонија

Јанкуловски: Македонија веќе не молчи пред понижувањата од Бугарија околу македонскиот идентитет и јазик, туку бара почит од неа и ЕУ!

„Понижувањето што го трпиме од соседна Бугарија не е само последица на конфликтот околу нашиот идентитет, јазик и култура. Тоа е тактика во дипломатијата. Но, соочени со очекувањето на нови понижувања и свесни дека тие ќе продолжат, новата власт во Македонија бара почит и достоинство во односите со другите држави, и, секако, со Европската Унија. И, замислете, Македонија веќе не молчи пред понижувањата.“ – нагласува универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Понижување и срам – време за достоинство“, која ја објави информативната агенција „Нетпрес“.

Николоски за ЕРНО: Инвестираме меѓу 5 и 6 милијарди евра во Коридорите 8 и 10

Меѓу 5 и 6 милијарди евра инвестираме во подобрување на инфраструктурата само на коридорите 8 и 10. Ја имаме уникатната позиција овие коридири да се сечат токму во Македонија и мора да ја искористиме за да останеме конкурентна транзитна рута, вели Николоски во интервју за регионалната мрежа ЕРНО.

To top