Натаму Јанкуловски истакнува: Понижувањето на државите во надворешната политика не е нова и непозната практика во меѓународните односи. Тоа е патологија на современите меѓународни односи. Новиот тренд во општеството на понижување се неоснованите навреди и недокажаните обвинувања со кои се оспорува правниот статус на други држави, стигматизирајќи ги нивните практики, па дури и нивната култура, јазик и идентитет. Понижувањето е радикално и разорно – тоа допира до најинтимните делови од поединците и народите. Од него не се добива ништо, освен непријател за цел живот. Историјата на понижувањата во надворешната политика никогаш не донела ништо добро за светот – само непријателство. Сепак, дури и во моменти на најголеми општествени превирања, дипломатската практика секогаш делувала издвоено од оваа бесмислена болест на понижување. Слабоста во македонската надворешна политика и спремноста на компромис за се, па дури и за основните атрибути на државноста, направи понижувањето на државата да стана дел од алатките на надворешна политика на другите кон нас, а срамот наша судбина.
Нема понижување без понижени, а понижените постојат само кога молчат. Намерата на понижувањето, неговата победа, неговиот вистински успех е да се изнуди помирено молчење од другата страна. Во тишината ги гледаме понижените. Македонија веќе долго време е понижена, што предизвикува длабоко вкоренето чувство на беспомошност – чувство што сериозно ја ограничи државата во нејзиното дејствување на надворешен план. Случаите на политичко понижување на Македонија го следат слични обрасци, но со една клучна разлика: денес, понижувањето е визуелизирано, што го прави поинтензивно и поболно за оние кон кои е насочено. Тоа сè повеќе се режира, засилува и консумира како спектакл. Прикази на политичко понижување се појавуваат насекаде – од мејнстрим медиумите до социјалните мрежи. Повторуваните понижувања на кои сме изложени како држава создаваат чувство на ранливост пред нови, непредвидливи понижувања. Тоа ја уништува способноста на народот за доверба. Чувството на неправда станува уште поболно кога се среќава со тишина и рамнодушност. Кога светот го трга погледот, понижувањето станува нормализирано, деполитизирано и вградено во секојдневниот живот. Тогаш се претпоставува дека државата заслужува понижување. И, затоа, соочени со очекувањето на нови понижувања и свесни дека тие ќе продолжат, новата власт во Македонија бара почит и достоинство во односите со другите држави, и, секако, со Европската Унија. И, замислете, Македонија веќе не молчи пред понижувањата.
Понижувањето што го трпиме од соседна Бугарија не е само последица на конфликтот околу нашиот идентитет, јазик и култура. Тоа е тактика во дипломатијата. Тоа е слика за тоа како понижувањето во односисте на двете држави го изразува наметнувањето на немоќ од страна на оние што поседуваат незаслужена моќ. Реториката на понижување го дефинира понижениот, но многу повеќе оној што понижува. Сепак, малку е веројатно дека овој пат ќе премолчиме, поради децениската заемна недоверба и наталожените трауми. Стравот од понатамошно понижување се темели на искуството од минатите понижувања. И, затоа молчењето веќе не е опција. Ова е нешто ново во нашата надворешна политика, кога како држава почнуваме да се перцепираме систематски понижена од меѓународниот поредок и почнуваме да ги преиспитуваме своите стигматизирани особини во доблести на суверенитет и автентичност во процесот на инверзија на достоинството на национално ниво. Во новиот свет што се раѓа не можеме како држава да си го дозволиме луксузот на премолчување на намерното понижување – било меѓу нациите и културите, било во рамките на самите нив. Сега е вистинската агенда за достоинство. Не мислам дека на тој начин ги затвораме каналите за комуникација во надворешната политика, зашто дипломатијата и надворешната политика отсекогаш биле школи за добри манири, знаејќи дека нема ништо полошо од понижување на противникот.
Македонија како долго понижувана држава на пат е повторно да го воспостави својот статус на почитуван актер во очите на другите. Надминувањето на понижувањето бара елиминирање на сомнежот во себе. Станува очигледно дека македонската надворешна политика денес е водена од желбата да ја врати својата самодоверба, како и имиџот на македонската држава пред другите; повторно се обидува да си докаже себеси и на другите дека можеме и мораме да бидеме ефикасни и респектибилни актери на светската сцена. Доволно искусивме како односите на моќ и понижувањето раѓаа огорченост, која растеше тивко и тајно се хранеше со горчина и душевни страдања. Не смееме веќе да дозволиме другите да газат по нашата сувереност или да се мешаат во нашите внатрешни работи, да се чувствуваме беспомошни како држава кон која е покажано непочитување. Затоа, да не дозволиме понижувањето во односите со нашиот источен сосед да отиде предалеку за да станеме огорчени непријатели (на добар пат сме тоа да се случи), при што реваншизмот да го претвориме во најзадоволителниот пат кон обновување на статусот на македонската држава во односите со оваа и другите држави. Македонија конечно е на страната на достоинството каде што треба и да остане, заклучува Звонимир Јанкуловски во својата колумна.