
Натаму премиерот истакнува: Нашата цел е јасна да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот. Зад секоја бројка стои човек, зад секоја плата стои семејство, а зад секое ново работно место стои надеж за подобар живот.
Сакаме економија која расте, но уште поважно, економија чиј раст го чувствуваат граѓаните. Сакаме повеќе инвестиции што создаваат квалитетни и добро платени работни места, успешни компании и заштитени, мотивирани работници.

Особено е важно младите да ја гледаат својата иднина во Македонија, тука да градат кариера, да создаваат семејства и да ги остваруваат своите амбиции, со еднакви можности за професионален развој за сите.
Законите се важни. Програмите се важни. Меморандумите се важни. Но најважно е граѓаните да ги почувствуваат резултатите од нив. Денес потпишуваме документ, но нашата вистинска обврска започнува утре, со неговото спроведување. Затоа што достоинствениот труд не е привилегија, туку право, а достоинствениот живот мора да биде реална можност за секој наш граѓанин, порачува Христијан Мицкоски преку општествената мрежа.
