Македонија

Последен ден за пријавување утре – CENTAR NIGHT RUN привлекува тркачи од повеќе градови и земји

Трчањето ќе се одвива во вечерните часови, кога Центар и Дебар Маало добиваат поинаква енергија, опкружени со публика и урбана атмосфера.

Пријавувањето за првото издание на CENTAR NIGHT RUN завршува утре, 28 октомври, во 23:59 часот. Ноќната урбана трка ќе се одржи на 7 ноември 2026 година, низ Дебар Маало и улиците на Центар, со две дистанци – 5 километри и полумаратон од 21 километар. Досега се пријавени учесници од Скопје, Тетово, Пробиштип, Куманово, Кочани, Прилеп, Штип, Охрид, Кавадарци, Валандово, Гевгелија, Ресен, Македонски Брод, Струга, Берово, Крушево, Велес и Демир Хисар. Трката привлекува и меѓународни учесници, со пријавени тркачи од Босна и Херцеговина, Косово, Чешка, Германија, Словачка, Русија, Турција и Италија. Со две дистанци, CENTAR NIGHT RUN е наменет и за рекреативците кои сакаат да бидат дел од новото градско искуство и за поискусните тркачи подготвени за поголем предизвик.

Од стартот во Дебар Маало, патеката води по „Орце Николов“ кон „Франклин Рузвелт“, продолжува по булеварот „Партизански одреди“ и повторно се враќа низ маалските улици до целта. Трката на 5К се трча во еден круг, додека учесниците на полумаратонот ќе ја поминат патеката во четири круга. Стартот на полумаратонот на 21К е во 18:00 часот, додека трката на 5К стартува во 19:30 часот.

Трчањето ќе се одвива во вечерните часови, кога Центар и Дебар Маало добиваат поинаква енергија, опкружени со публика и урбана атмосфера. Идејата е CENTAR NIGHT RUN да биде повеќе од трка и да создаде ново место за средба на тркачката заедница, рекреативците, компаниите, семејствата и сите кои сакаат активен градски живот. За најдобрите учесници е обезбеден награден фонд во машка и женска конкуренција на двете дистанци. На 21К, наградите изнесуваат 20.000 денари за прво место, 15.000 денари за второ и 10.000 денари за трето место, додека на 5К, наградите се 12.000 денари за прво место, 9.000 денари за второ и 6.000 денари за трето место.

CENTAR NIGHT RUN е во организација на Прв до Врв, со поддршка на Општина Центар, со амбиција да прерасне во нова препознатлива спортска и урбана традиција во Скопје. Сите заинтересирани можат да се пријават на www.prvdovrv.mk/centarrun, најдоцна до утре, 28 октомври, во 23:59 часот.

 

Најнови вести од: Македонија

Аларм: Секое 10-то дете во Македонија изложено на сексуална злоупотреба на интернет

Секое десетто дете во Македонија на возраст од 12 до 17 години коешто користело интернет било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба. Станува збор за околу 12.000 деца, бројка што ја потврдува и последното истражување на УНИЦЕФ.

(Видео): Проблемот со кравите во Крива Паланка стигна до Обвинителството – Општината поднесе кривични пријави

Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, поднесоа неколку кривични пријави до Обвинителството поради институционално непостапување по извршни решенија за одземање на добитокот што слободно шета во градот и пошироко.

УКИМ не платил сметки за струја, ако не се плати долгот – факултетите ќе останат во мрак

Дел од државните факултети и Ректоратот од утринава се во мрак поради неплатени сметки за електрична енергија. Ова за Телма го потврдија и од ЕВН. Без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно – математичкиот, земјоделскиот факултет, но и зградата на Ректоратот.

Велковски: Во владина постапка се измените на Законот за детска заштита, од 2027 поголема поддршка за децата со посебни потреби

Измените на Законот за детска заштита веќе се во владина процедура, каде се предвидува зголемување на постоечките државни износи за поддршка, со посебен фокус на децата со посебни потреби, изјави министерот за труд и социјална политика и млади, Ѓоко Велковски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, нагласувајќи дека се очекува овие измени брзо да ја поминат собраниската процедура и од 1 јануари 2027 година децата од оваа категорија да добијат зголемени средства.

Николоски: Од 1 јануари 2027 државата ќе биде единствен организатор на интернет-игрите на среќа и ВЛТ терминалите

Владата останува на ставот за ограничување на игрите на среќа и веќе презеде конкретни законски мерки со кои се намалуваат можностите за нивно организирање, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање на Јована Мојсоска од Левица поврзано со работењето на Државна лотарија, односно дали Владата ќе иницира разрешување на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, како и дали ќе биде затворена платформата за онлајн коцкање „Мегавин“.

To top