Енергетскиот експерт Митко Андреевски предупредува на сериозен скок на цената на природниот гас. Од почетокот на годината гасот поскапел за 211 проценти, а само од почетокот на октомври до денеска растот изнесува 36 проценти. Изјавата ја даде во вечерашната дебата „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
Според него, поскапувањето на топлинската енергија во Скопје е неминовно.
„Неминовно е дека цената на топлинската енергија во Скопје, од страна на регулаторот, мора да биде покачена. Тоа ќе изврши притисок и врз домаќинствата, но секако врши притисок и врз енергетските политики кои што ќе ги носи владата. Дали треба Скопје да се откажува од парното, бидејќи е зависно од природниот гас? – Не, во овој момент тоа е невозможно, затоа што загадувањето се решава со топлинска енергија на централно греење во градот Скопје. И втора причина е затоа што ние имаме околу 60.000 домаќинства кои што ја користат топлинската енергија. При предуслови дека ќе не може да се испорача топлинска енергија, тие ќе тргнат во загревање на сопствените домови со електрична енергија. Е тогаш станува катастрофата“, смета Андреевски.
Тој нагласува дека централното греење останува клучно и за контрола на загадувањето и за околу 60.000 домаќинства што зависат од него. Премин на греење исклучиво со струја, според експертот, би предизвикал многу посериозни проблеми.