Регион

Студентска листа во Србија најави формирање специјален суд за функционери

Судот треба да се занимава со предмети поврзани со високи државни функционери, независно од тоа која политичка опција е на власт

Студентската листа во Србија побара итни оставки од директорите на полицијата и Безбедносно-информативната агенција (БИА), од претседателот на Уставниот суд и од други високи функционери, најавувајќи формирање специјален суд што ќе ја испитува одговорноста на луѓето на највисоките државни функции, пренесе Плусинфо.

Барањата за оставки на високи функционери доаѓаат само неколку дена по изборната победа на „Студентите победуваат“. Листата освои повеќе од 52 отсто од гласовите.

На прес-конференција во белградскиот Пионерски парк, студентите порачаа дека нема да го чекаат формалното преземање на власта за да побараат промени во институциите.

Оставки побараа од директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, директорот на БИА Владимир Орлиќ, претседателот на Уставниот суд Владан Петров, генералниот директор на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ и заменик-генералниот директор на РТС Дејан Јовановиќ.

На списокот се и главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, и неговиот заменик Миодраг Марковиќ, кои студентите ги обвинуваат за пристрасност и селективно постапување.

„Не дојдовме да се одмаздуваме, туку да им ги вратиме институциите на граѓаните. Секој што го прекршил законот мора да одговара, без оглед на функцијата што ја извршува или ја извршувал“, порачаа претставниците на Студентската листа.

Планот за нов суд го претстави Немања Ѓуриќ, претставник на Студентската листа, во гостување на телевизијата „Нова“.

Според него, судот треба да се занимава со предмети поврзани со високи државни функционери, независно од тоа која политичка опција е на власт.

– Ќе видиме точно каков модел ќе се примени. Целта е суд кој ќе се занимава исклучиво и професионално со високи функционери. Значи, не само оние од поранешната влада, туку и оние од идната – рече Ѓуриќ.

Тој најави и разработка на модел за посебна обвинителска полиција, која би имала задача да ја зајакне ефикасноста на истрагите.

Студентската листа планира законски измени за проверка на потеклото на имотот и конфискација на имот стекнат со криминал, како и постапки за лустрација.

Ѓуриќ оцени дека политичкото влијание, нестручноста и недоволната ефикасност на обвинителството се меѓу главните проблеми на српското правосудство.

Студентите бараат и повторно отворање или продолжување на истрагите за аферите „Крушик“ и „Савамала“, убиството на Оливер Ивановиќ, падот на воениот хеликоптер и несреќата кај наплатната рампа Дољевац.

Најавени се проверки на финансиските текови на големите државни проекти, меѓу кои ЕКСПО, „Белград на вода“, автопатот „Милош Велики“ и проектите поврзани со „Рио Тинто“.

Студентската листа ги повика вработените во институциите да пријавуваат сомнителни исплати, договори и можни обиди за уништување документација во периодот на транзиција.

 

Најнови вести од: Регион

Пак тепачка во албанскиот парламент: пратеници запалија сигнални ракети, му исклучија микрофон на Бериша, кој се закани со „кршење глави на криминалците од власта“!

Пратеници од албанската опозиција утрово ја прекинаа седницата на парламентот со активирање сигнални ракети, по неколкунеделните насилни антивладини протести што ги организираат студентите, барајќи оставка од премиерот Еди Рама.

Најнови вести

To top