Бродмидоу меџик, основан во 1966 година како Њукасл Македонија и во грбот има зраци од Сонцето од Кутлеш, ита кон четвртфиналето на Австралискиот шампионат во фудбал како лидер на група на половина од прелиминарната фаза благодарејќи на денешниот триумф на домашен терен од 3:2 над Аделаида Сити.
Вториот клуб во лигата формиран од македонската заедница во Австралија покрај Престон лајонс, основан во 1948 година како Престон Македонија, води во групата Б со 8 бода, откако ги совлада и Авондејл на гости со 2:1 во претходниот круг, како и Вестс АПИА со 4:3 на пенали по 0:0 во основниот дел.
„Регуларна“ победа носи три бода, таа на пенали два, пораз по изведувањето удари од белата точка еден, а меѓу осумте најдобри во вториот ранг на натпреварување ќе се пласираат двете најуспешни екипи од секоја од четирите групи.
Престон лајонс пред гостувањето кај Саут Хобарт утре во 5 ч. по средноевропско време има еден бод од два одиграни меча, во кои загуби на пенали со 6:5 дома од Волонгонг вулфс и со 2:1 кај Квинсленд лајонс.