Македонија

Филков го поздрави Извештајот на ЕК: Реформите донесоа видливи резултати

Позитивни оценки за Законот за Судски совет и Законот за парнична постапка

Поранешниот министер за правда Игор Филков оцени дека Извештајот на Европската комисија за 2026 година претставува јасна потврда дека политиките и реформите што ЗНАМ ги спроведувал во Министерството за правда во изминатите две години биле исправни и донеле видливи резултати.

Според Филков, она што за претходниците останувало само на ниво на ветувања, за неговиот тим претставувало обврска преточена во конкретни законски решенија. Тој особено ја истакна позитивната оценка во Извештајот за новиот Закон за Судскиот совет, донесен во декември 2025 година, со кој се адресирани препораките на Венецијанската комисија и Оценската мисија, со што се подобрени транспарентноста и јасноста при изборот на судии и водењето на дисциплинските постапки.

Позитивно се оценети и новиот Закон за Советот на јавните обвинители од 2026 година, како и новиот Закон за парничната постапка, со кој по повеќе од две децении застој се модернизираат и забрзуваат граѓанските судски постапки, исполнувајќи ги препораките од претходниот извештај на Европската комисија.

„Во реализацијата на активностите планирани за Развојната секторска стратегија за реформа на правосудството 2024–2028 бележиме значителен пораст – од 42,9% за 2024 година, на 56,9% за 2025 година. Препознаен е и напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото, како и потпишувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција во мај 2026 година“, истакна поранешниот министер Филков.

Осврнувајќи се на критиките во Извештајот кои се однесуваат на борбата против корупцијата, финансиските и човечките ресурси, како и ефикасноста на правосудните институции, Филков појасни дека антикорупцијата се следи како хоризонтален процес кој влијае на сите кластери и поглавја, а предизвиците бараат ангажман од сите надлежни институции.

Тој потсети дека во текот на неговиот двегодишен мандат тимот во Министерството за правда подготвил вкупно 33 закони – пет веќе се донесени, два се во собраниска процедура, десет во владина, а останатите се на ЕНЕР или се финализирани. Меѓу нив се и законите за спречување корупција и судир на интереси, за јавно обвинителство, за судски буџет, за судови, за кривична постапка, како и новиот Кривичен законик.

На крајот, Филков порача дека се поставени важни темели за независно и ефикасно судство, но за целосно завршување на реформите неопходно е задржување на континуитетот и активно вклучување на сите чинители. ЗНАМ, нагласи тој, останува доследен на владеењето на правото како внатрешен коректив на Владата.

Најнови вести од: Македонија

To top